Дуото „Тренев и Вајс“ вечерва ќе го одржи концертот со наслов „Клезтанго енд бијонд“, со почеток во 20.30 часот, во амфитеатарот „Ендава“. Ќе настапат Иван Тренев, хармоника, и Мориц Вајс, кларинет и бас-кларинет (Австрија). Концертот е во рамките на „Скопско лето“, во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. „Клезтанго енд бијонд“ е име на албумот во кој Тренев и Вајс се посветуваат на танго и клезмер и ги компонираат нивните заеднички мелодии. Во април 2019 година овој деби-албум е издаден од „Лотус рекордс“, а истото лето дуото учествувало на Интернационалниот фестивал за хармоника во Виена и на турнеи во Источна Европа и Северна Америка.
Кларинетистот и композитор Мориц Вајс (1996) е роден во Фирстенелд. Покрај неговите студии по класична музика во Виена, се посветил и на светскиот жанр, клезмер и јидиш-музика, славејќи успех на националните и меѓународните сцени со сопствените ансамбли, со триото „Мориц Вајс“ и со дуото „Тренев и Вајс“. Како композитор е познат и со делото „Вокал клезмер саундс“ (за инструментален ансамбл и хор), а е основач и на здружението „Стајријан клезмер конекшн“, платформа за клезмер и јидиш-музика во Штаерска. Македонскиот хармоникаш и композитор Иван Тренев (1993) е роден во Штип, каде што завршил основно и средно музичко образование. Учествувал на повеќе државни и интернационални натпревари во земјава и во странство, а првиот солистички концерт го одржал на 16-годишна возраст. Во Грац ги завршил додипломските студии и магистрирал на Универзитетот за музика и драмски уметности.