Кон „Надвор од кутијата“, самостојна изложба на Владо Павлески во Културно-информативниот центар во Скопје

Натали Рајчиновска Павлеска

Со појавата на концептуалните струи во современата уметност на нашите простори, Владо Павлески постепено го напушта традиционалниот начин на размислување во рамка на скулптурното, преку разновидни интервентни постапки (колаж и асемблаж) на најдени предмети и нивно вкрстување со сликарски и вајарски техники, создава нови (а)естетски објекти. Неговите рани дела артикулираат помеѓу апстрактна фигуративност и објекти што сѐ повеќе припаѓаат во категоризацијата инсталации отколку во кохерентни интрамедиумски интервенции.

Во периодот на осумдесеттите, уметниците на нашите простори, сѐ уште бавно се ослободуваат од академизмот, кој генерациски се провлекувал. Павлески ослободен од какви било наметнати стеги од културниот дискурс, прецизно го навестува она што во тоа време сѐ уште се проучува како влијание од надворешниот свет. Неговите преоди беа брзи и храбри, неговата визија за возможност на дистинкција и извонредност во моментот на критичкото наспроти континуитивното и конвенционално следење на тенденциите, придонесоа можеби сосема мало, но не и незабележливо постулирање и поставување на концептуалната скулптура на едно достојно историско рамниште, во тоа време интерпретирана како нов реализам во публикацијата „Современа македонска скулптура“. Неговиот интерес и сознанија за филозофијата, како важен и влијателен елемент во градењето на сопствените размисли, суптилно и непретенциозно ги вткајува во низa продуктивни процеси, кои често беа дел од акумулативните паузи и прекини, сѐ додека доволно креативен потенцијал не зароди од нив. За него уметникувањето значи процес многу повеќе отколку актуелност во секоја од развојните етапи на современата скулптура, и за ова говори фактот што во секое негово наредно дело избликнуваа нови и непредвидливи ликовни гестови.

Отсуството на директно (едновремено) влијание на светските (1960-тите и 1970-тите) или барем на југословенските тенденции (новата уметничка практика, 1970-тите) и остварувањата во духот на концептуалната уметност на нашите простори, придонесе за посебна автентична линија во развојот на современоста во ликовната мисла кај сосема мал дел од македонските уметници, кои со сигурност отстапуваа од доминантните модернстички практики, кои се провлекуваа до крајот на деведесеттите.

Во почетоците на Павлески, појавноста на уметничката форма артикулира преку низа затворени монолитни скулптурни облици, сега во оваа последна серија на скулптури и слики, тој го напушта затворениот облик создавајќи линеарни префорирани форми, од чија солидна форма се одземени неправилни геометриски облици. Преку проектот „Надвор од кутијата“, изложен во Културно-информативниот центар во Скопје, евидентна е авторската потрага за излез од сопствениот уметнички циркуларен дискурс во интимна смисла, и можеби истовремено говори за перпетуално кон внатре – себеистражување и истрајност во сопствените размисли, но исто така сведочи за наоѓање возможни патишта кон надвор од доминантните општествени струења, кои го обликуваат ликовниот јазик во една дидактичка – миметичка форма на слепо следење и денотирање на човековото опкружување. Циркуларноста на процесот во уметничката мисла, метафорично е претставена преку кружната инсталација во простор, создадена од 105 скулптури излиени во алуминиум во мал галериски формат, изработени во период од 4 до 5 години. Целокупната нарација, или посоодветно – концептуализирана фабула, без почеток и крај, како и самиот круг, е дополнително содржински дополнета со големиот број слики изработени во техника масло и акрил врз медијапан во ректангуларен формат, со експресивен гестикулациски израз, енформелно обликувани со додадени парчиња од дрвени исечоци, создавајќи на тој начин слики-објекти, како и сликите во триаголен формат поставени како ескпостулиација на конвенционалното изложување и поимање на сликата како изложбен формат. Во оваа изведбена активност, авторот ги возобновува прашањата фундаментални за уметничкиот карактер, сведувајќи ја својата вложеност во создавањето апсолутна присутност, чист чин на ослободеност од генерирање какви било возможни идни рефлексии, инсистирајќи со тоа на сопствената ризница на спознајни и енергетски состојби во авторското. Инсталацијата во просторот ја изложува наталожената акумулативна состојба на авторот, ослободена преку силно енергетско поле, создадено од секоја скулптура поединечно, во делови дополнети со колоритни интервенции, не оставајќи ги ракотворбите на единствено вајарско обликување. Таа примарна зададеност е процесуално надградувана, секој еден облик е во повеќе наврати дообработен, сѐ додека од него не се истисне секоја возможност за емитација на примарното. Во деталите на секое единствено парче се чувствува раката на вајарот и раката на експресионистот, како и силната уметничка сугестивност за никогаш доволна дореченост. Со концептуализираниот наслов се поставува прашањето, што е тогаш кутијата – личното, колективното, општественото… спона од која секоја индивидуа се обидува да се одврзе, ризница преполна со лични искуства што можат да се вообличат во енергија или можеби кутија – отворена и празна, во која секое искуство може лесно да се претвори во непостоење. Начинот на кој се изложени сликите, купови од реализиран труд – со години нераспакуван, наредени една врз друга, ја назначуваат онаа другата димензија во неговото творештво – концептуалната, иматеријалниот облик на мислата, и на процесот, кој сам по себе е најзначајниот сегмент од уметникувањето. Само што го отпакувал тој повторно го пакува своето дело, подготвено за поаѓање назад во неговиот сопствен свет.

Академската наобразба на Павлески, како архитект, во некоја одредена мера значеше слободно движење меѓу уметничките практики, растовареност од традиционалните академски настојувања за одржливост и преносливост често присутни кај неговите современици, постојаното уметничко опкружување и еднаква присутност на длумовите годишни изложби, сведочат за одредени модернистички влијанија во неговото творештво, евидентни во просторното како феномен инхерентен на вајарскиот облик.

Значаен придонес има и со две реализирани скулптури во јавен простор, меѓу кои скулптурата „Kрик“, изведена во бронза, обоена, која е лоцирана на кејот на реката Вардар, кај мостот „Гоце Делчев“ во 2009 година. Одредена монументалност и прецизна дескрипција е присутна во вајарскиот облик, реализиран преку скулптурата на американскиот претседател Вилсон Вудворд, реализирана во бетон, лоцирана на објектот на Министерство за надворешни работи на Македонија, во 2011 година.