Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска, од 10 часот, ќе ја одржи конференцијата „Писменото и книжевното културно наследство од Скопје и Скопско“. Ќе биде промовиран зборникот на научни трудови „Културниот туризам во афирмација на македонското културно наследство во Скопје и Скопско“, а промоторка е Ана Мартиноска
Конференцијата е поддржана од Град Скопје, Министерството за образование и наука и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.
На конференцијата, Валентина Миронска-Христовска ќе зборува за значењето на печатената книга за македонското културно наследство од 19 век, Ѓоко Ѓорѓевски за ракописите на Свети Јоаникиј Ракотински, Лилјана Макаријоска за етнолингвистичките аспекти на записите од културното наследство во Скопско, Славчо Ковилоски ќе има реферат на тема „Јордан Хаџи Константинов-Џинот и писменото и книжевното наследство од Скопје и Скопско“, Ана Мартиноска и Жарко Иванов ќе зборуваат за предизвиците при дигитализација на нематеријално културно наследство (врз примерот на аудиоматеријалите од Васил Хаџиманов снимени во периодот по скопскиот земјотрес во 1963 г.).
Предвидени се уште неколку теми: „Орнаментиката во Скопскиот празничен минеј од 13 век“, „Писменото и книжевното културно наследство во трезорите
на институциите во Скопје“, „Средновековните книжевници од Скопје и Скопско“, „Македонските ракописни писмени и книжевни споменици со потекло од Скопје и Скопско“.