Една од поновите книги е „Станица единаесет“ од Емили Ст. Џон Мандел, од 2014 година. Поголемиот дел од познатата книга на Мандел е посветен на вирусот на грузиски грип со катастрофални размери, кој убива 99 отсто од човештвото. Најавено е дека содржината на „Станица единаесет“ ќе биде адаптирана за сценарио за серија до 10 епизоди на ХБО

Книжевност и епидемии

Во актуелнава состојба, поврзана со ширењето на коронавирусот кај нас и во глобални рамки, препорака број еден е воздржување од јавни собири и контакти со други луѓе, па, покрај филмовите, книгите се најсоодветно бегство од ситуација. И разбирливо, во ова време-невреме интересот за читање книги за големите пандемии расте. Која е причината за тоа? Моменталната криза сите ги прави уплашени и единственото логично објаснување е дека можеби приказната за слична или речиси идентична состојба на некој начин нѐ поттикнува да се соочиме со овој страв.

Пандемиската фикција, во суштина, на прво место е приказна за беспомошноста, а читањето на која било верзија, во која на крајот сепак нешто се решава или се нуди идеја за излез или прикажува како луѓето се справуваат со состојбата, е на извесен начин утеха. Токму затоа, на едно место собравме легендарни литературни наслови што говорат за животот за време на разни пандемии.
Една од поновите книги е „Станица единаесет“ од Емили Ст. Џон Мандел, од 2014 година.

Поголемиот дел од познатата книга на Мандел е посветен на вирусот на грузиски грип со катастрофални размери, кој убива 99 отсто од човештвото. Структурата на книгата е таква што паралелно ги следи и спротивставува животите на оние што ја преживеале епидемијата и крајот на светот што го знаеме. Преживеаните ќе се соочат со еден сосема поинаков свет, на кој одново ќе мора да се адаптираат за да преживеат.

Среде хаосот на апокалипсата, една група уметници решаваат дека не е доволно само да се преживее, па ја формираат „Патувачката симфонија“ – трупа на актери и музичари што патуваат низ опустошениот нов свет и изведуваат класични концерти и драми… Преплетувајќи повеќе ликови и приказни во своевиден метафизички трилер, „Станица единаесет“ изгледа како сложена и грандиозна симфонија, во која читателот ќе биде оставен без здив.
– Тешко е да се замисли роман што би бил посоодветен за денешната политичка, еколошка и општествена ситуација. Дистописка научна фантастика во своето најдобро издание – стои во критиката за оваа книга во „Њујоркер“.
Најавено е дека содржината на „Станица единаесет“ ќе биде адаптирана за сценарио за серија од 10 епизоди на ХБО.

„Беснило“ од Борислав Пекиќ, 1983 година
Романот „Беснило“ на српскиот писател Борислав Пекиќ жанровски се определува како трилер и хорор. Дејството се случува на лондонскиот аеродром „Хитроу“, кој го погаѓа епидемија на вештачки мутант вирус на беснило, кој со авион пристигнува на аеродромот во текот на летото на релацијата Рим – Лондон – Њујорк, на авиопревозникот „Ал Италија“. Романот допира и теми што се многу подлабоки од третирањето на заразата, како што се: шпионажа, предавство, но и разгорениот судир на релацијата Палестина – Израел.

„Чума“ од Албер Ками, 1947 година
Има повеќе начини на кои се толкува овој генијален роман на Албер Ками. Некои го доживуваат како метафора за ужасите на фашизмот, други како илузија на епидемијата на колера во Алжир во средината на 19 век. Во секој случај, францускиот нобеловец Ками во ремек-делото „Чума“ ги истражува границите на човековата егзистенција и го поставува прашањето: што се случува со поимите како слобода, братство, добрина, солидарност, верба, во ситуации кога животот и секојдневието драстично се менуваат.

„Декамерон“ од Џовани Бокачо, 14 век
Приказната сите ја знаеме, но треба да се потсетиме дека дејството се случува во Фиренца, на средината на 14 век, за време на епидемијата на големата чума. Седум девојки одат во црквата „Санта Марија Новела“, каде што се договараат да одат на имотот надвор од градот и таму да побараат спас, изолирани. Им се придружуваат и три момчиња и почнува раскажувањето. Секој ден, освен во петок и во сабота во текот на две недели, секој од нив раскажува по една приказна. Секој ден има различна тема, од среќна љубов, преку неприлики со среќен крај, итроштини… Истите тие живеат до денес.

„Љубов во време на колера“ од Габриел Гарсија Маркес, 1985 година
Еден од светските автори, кој придонесе латиноамериканската книжевност од маргините да се најде во фокусот на вниманието на сите меридијани и оттаму да не се помести од 1960-тите години до денес, несомнено е Маркес. Во неговата книга „Љубов во време на колера“, заразната болест се третира како судбина. Тоа е приказна што трае половина век, иако на моменти е налудничава и патетична. Иако Флорентино можеби не е најразбирливиот главен лик за еден роман, оваа книга и покрај тоа е важна за разбирање на многу други нешта, а особено на вештината на раскажувањето на Маркес. Има и прекрасни љубовни писма, па може да се случи и да ви дојде да заплачете што досега никогаш не сте напишале нешто слично упатено до личност што ви значи.

„Пиреј“ од Петре М. Андреевски, 1980 година
Во книгата „Пиреј“ на познатиот македонски писател Петре М. Андреевски, исто така се споменува епидемија на колера, која ја донесуваат разните војски што минуваат низ селото на Велика. По синот Ангеле и ќерката Роса, таа ги губи и своите преостанати деца, не можејќи да ги зачува од смртоносната болест. Од болеста од која никој не може да побегне умираат и нејзините чеда: Здравко, Капинка и Ѕвездан. Откако ги губи рожбите, Велика повеќе нема цел во животот. Единствена надеж гледа во враќањето на Јон и во утехата што може да ја најде кај него. Кога завршува војната, Јон се враќа, но кога дознава дека ги загубил децата, тој сосема се менува, почнува многу да пие, да ја малтретира и тепа Велика, да ја понижува и навредува пред селаните. Вината за смртта на децата, за неговото пропаѓање, тој ја гледа во неа. Лошотијата на Јон постепено се зголемува. Колку повеќе пие, толку болката му станува поголема. Безмилосен е кон Велика, која е бремена со шестото дете, но, и покрај тоа, постојано ја малтретира. И додека таа се пораѓа во плевната, Јон умира во куќата. Раѓањето на последното дете, Роден, е единствената светла точка во животот на Велика, тој е надежта, тој е поттикот да се продолжи понатаму. Роден е нејзиниот пиреј, но Роден е и македонскиот пиреј.