„На крилјата на зборот“ е насловот на новиот „Алманах“ бр. 2, на Клубот на литературни творци – Прилеп, отпечатен деновиве. Се работи за книга во која се објавени творби, три песни и кратка биографија од 23 члена. Промоцијата на овој алманах требаше да се одржи на годишната средба на писателските здруженија од Македонија, но поради сегашната ситуација се одложува.

Членовите на Клубот на литературни творци – Прилеп веќе девет години во рамките на своите активности го негуваат пишаниот збор.
– Зборот на поетите е само навидум проговорена реч, а само колку тежи таа реч и колку само му пркоси на времето, зашто истата таа реч останува за навек затворена во дамарите на некој стих, песна, книга. Јадрото и постоењето на Клубот го обележуваат творечката дејност на сите членови, нивната сила и енергичност за опстојување низ годините. Преку активната творечка, хуманитарна и издавачка дејност на членовите, прилепските литературни творци во 2019-та го добиваат приматот амбасадори на литературата и културата во Македонија, признание од фондацијата на Такец. Покрај тоа, и најхуманитарно здружение од областа на литературата и културата за 2018 и 2019 година, признание од фондацијата „Босоногата по патот на светлината“.

Признанијата и многуте меѓународни награди, државни дипломи и успеси се вистински предизвик за сите членови на Клубот, кои сметаат дека зборот и нивното творештво се крилјата на позитивната блажена мисла што ги обединува во еден силен дух и божја сила да го изодат патот што зад себе остава трага на постоењето на едно време и едно место – посочува професорката Цеца Видова Трајческа.