Рецензија

(Ана Стојаноска: „Потпис: Трепетлика“ – Скопје, „Три“, 2020)

Тоа што прво паѓа в очи во најновата книга стихови на Ана Стојаноска (1971) е завршниот циклус, кој го носи истиот наслов како и книгата што е, веќе, указателно: „ако нешто се повторува во текст, треба веднаш да се прашам: зошто?“ (И. Франгеш)
Треба да се прашам по причина што тоа бездруго треба да ми каже нешто. Поинаку речено, се изјаснува како стилема, стилоген фактор во речникот на американскиот романист М. Рифатер. И не само тоа. Тој завршен циклус е во некоја мера необичен, затоа што е составен од една единствена песна („Писмо“) со поднаслов „Драг Ти.“ И тоа е – указатално! Пред да поминам на некои детали од песната „Писмо,“ ќе потсетам дека книгата „Потпис: трепетлика“ воспоставува дискретна врска со една друга книга на нашата современа поезија иако, барем на прв поглед, таа врска е тешко видлива. Станува збор за култната книга „Дениција“ (1968) од поетот Петре М. Андреевски, која, во времето на нејзината појава, беше означена како културен настан од највисок ред.

Врската на „Потпис: трепетлика“ од А. Стојаноска и „Дениција“ на П.М. Андреевски е по сличност и спротивност истовремено. И кај Стојаноска и кај П.М. Андреевски објектот на желба е тој што ја разнишува сигурноста/спокојот на лирскиот субјект за да го преобрази во една бурна и драматична душевна состојба. Кај П.М. Андреевски, на пример, контактот на тој субјект со објектот на желба има амплитуда од една остварена, метафизичка екстаза, која потоа станала загуба: „Кога ја љубев Дениција/ како да калемев светлина на мракот; како да палев оган на тилот од смилот на трендафилот; како да учествував во создавањето на мрвата македонска држава.“
Изразот „како да“ игра клучна улога во стиховите на поетот П.М. Андреевски. Тој израз упатува на еден необичен, чудесен свет како опозит на сивиот, катадневен и тривијален. Меѓутоа, со сиот негов раскош, тој свет еднаш „бил“ и веќе го нема. Неговата загуба е стравотна и слатка болка како онаа од „Гавранот“ на А.Е. По. Поинаку стојат тие работи во лириката на А. Стојаноски иако се работи за иста, стравотна и слатка болка, која по својот интензитет може да се споредува со онаа од „Дениција“ на П.М. Андреевски.
Во песната „Сè е тоа само…“ тој објект на желба се препознава како „недостиг“ (во тоа се состои генеричката недовршеност на идентитетот!), кој има семантички еквивалент во – „празнина.“ Од друга страна, тој недостиг/празнина е опколен од еден систем заменки што ја генерираат неговата условност и нестабилност. Така, на пример, заменката „тие“ („Тие мислат дека ние немаме наше“) го врзува лирскиот субјект/идентитет со еден универзален, хуманистички контекст врз основа на физичка и психичка сличност. Заменката „таа“ („Таа знае дека јас нема никогаш/ на Ти да множам денови со тебе“) го врзува тој ист, лирски субјект со еден полемички контекст. „Таа“ и „Тој“ образуваат едно „Вие“, кое (мора да) не постои за лирскиот субјект затоа што го маркира објектот на желба како недостижен: „Вие одамна не постоите.“ Кон тој „систем од заменки“, кој се јавува на клучно место од песната „Сè тоа е само…“, треба да се додаде и следново појаснение.

Ознаката „тие“ упатува на свет или сфера што се организира според начелото еднаквост: сите луѓе, според нивните физички и психолошки белези се еднакви; во согласност со тоа, нема некои што се помалку, а други повеќе важни. Кон таа хуманистичка треба да се додаде и една политичка еднаквост, која држи до начелото сите луѓе се еднакви пред законот; тоа се, поправо, граѓаните на една заедница/држава. „Љубовната“ врска суштински се разликува од спомнатите две (хуманистичка и политичка) не само затоа што е екстатичка, туку и затоа што е органичка; таа врска подразбира континуитет меѓу лирски субјект и неговиот објект на желба (се брише границата меѓу „јас“ и „ти“).

Тоа се работи што во иста мера важат и за „Дениција“ на П.М. Андреевски и за „Потпис: трепетлика“ и затоа може да се рече дека постои своевидна, жива духовна врска меѓу тие две книги поезија што ги дели еден временски распон од половина век. Постои, меѓутоа, и нешто што драстично ги разликува тие две лирски писма. Добро зборува за тоа еден детаљ од завршната песна „Писмо“ во кој се вели: „Потоа премачкав јајце на свежо месените кифлички/ малку сусам и многу бистрина на погледот/ мојот де…“ Тој детаљ што комбинира две ознаки од две различни и спротивни семантички сфери („сусам“ и „поглед“) суштински се разликува од механизмот „како да“, кој се изјаснува како главен стилски белег на стиховите од книгата „Дениција“ на П.М. Андреевски. Мислам дека тоа дава добра основа да се каже дека стиховите на Ана Стојаноска од книгата „Потпис: трепетлика“ располагаат со впечатлив и убедлив персонален печат без кој не може да се замисли некоја поезија со автентични уметнички вредности.