По повод една година од смртта на филмскиот режисер Кирил Ценевски (1943-2019), Кинотеката на заинтересираните филмофили бесплатно им додели 100 примероци од ДВД-изданието со неговите играни филмови. Се работи за ДВД-изданието со дигитално реставрираните играни филмови на Кирил Ценевски што Кинотеката го промовира пролетта минатата година, неколку месеци пред заминувањето на легендарниот автор во македонската кинематографија.

Ценевски, филмски режисер и сценарист, студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занимава уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“ (1970). Во 1971 година Ценевски го режира филмот „Црно семе“, за кој добива повеќе награди: „златна арена“ за режија на фестивалот во Пула, „златен венец“ за најуспешно деби, „11 Октомври“… Потоа ги сними „Јад“ (1975) и „Оловна бригада“ (1980), а по четвртиот игран филм „Јазол“, Ценевски не застана зад камерата повеќе од три децении. Неговиот (пре)долг авторски молк, по експлозивната деценија и пол во неговото неконформистичко творештво, секогаш е причина за навраќање на овој, по многу нешта исклучителен, филмски опус, со дигитализираното издание на неговите играни филмови.

Режисерот и сценарист Кирил Ценевски е добитник на наградата „златен објектив“ за 2013 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата „големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.