Керол Ен Дафи, британската поетеса, есеистка, драматург, професорка и креативна директорка на „Школата за пишување“ на универзитетот „Манчестер Метрополитен“ е годинешната добитничка на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, додека поетот Владан Кречковиќ е добитникот на наградата „Мостови на Струга“. Оваа информација официјално беше соопштена на 22 март, во седиштето на УНЕСКО во Париз, на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, кога беше прославен и Светскиот ден на поезијата – 21 Март. Наградата на лауреатката Керол Ен Дафи ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на поетскиот фестивал, кое е предвидено да се одржи од 25 до 30 август.
– Поезијата на Дафи е проткаена со сензибилни доживувања и метафизички опсервации за љубовта, загубата, селидбата, носталгијата, тагата, сеќавањето, минливоста на времето (крајот на младоста, смртта на родителите, синдромот на празно гнездо и заминувањето на децата од домот). Во оваа симфонија на поетски слики, природата не се исцрпува само во улогата на лирска сценографија туку станува рамноправен соучесник во непреболната драма на светот, чии пејзажи се маркери на душевните неспокојства и тревожни прашалници на лирскиот субјект, одблесоци на еден талкачки дух, кој општи со светот отаде видливото, во низа од збунувачки асоцијации, есхатолошки назнаки и немушти, исконски закани што лебдат наоколу. Поезијата на Дафи е луцидна, остроумна, автентична (и настрана од помодните текови), проткаена со родово сензибилна црта, духовита деконструкција на родовите обрасци и разобличување на родовата асиметрија на моќта.

Таа ги предизвикува родовите стереотипи, како манипулативни, позајмувајќи им ги притоа својот моќен глас, духовитоста, проникливоста и игривоста на дотогаш премолчените, изоставени, иако даровити жени, заробени во улогата на тивки статисти зад сцената на историјата – потенцира проф. Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, во образложението на одлуката.
Керол Ен Дафи (родена во Глазгов, 1955 год., во семејство со ирски корени) се вбројува меѓу најпознатите поетски имиња во Велика Британија. Покрај тоа што е високовреднувана и ценета во академските кругови, таа е омилена и кај пошироката публика. Важен детаљ во прилог на тоа е констатацијата дека нејзината поезија е веќе вклучена како задолжителна лектира во националните курикулуми на универзитетите, но и на училиштата. Уште со првата, провокативно насловена книга „Стоејќи, жена, гола“ („Standing Female Nude“), објавена во средината на 1980-тите години, Керол Ен Дафи успеа да стекне широк круг читатели, но и неоспорна поддршка од книжевната критика, што во неа прекуноќ препозна „расен нов глас во поезијата“.

Почнувајќи од таа дебитантска книга, натаму речиси секоја од следните поетски објави на Дафи е наградена со најзначајните национални и меѓународни признанија (вклучувајќи ја и престижната награда „Т.С. Елиот“, која таа ја доби за збирката „Вознесение“ во 2005 г., како прва жена во историјата на доделувањето на оваа награда, потем наградите „Дилан Томас“, „Сомерсет Мом“, „Харолд Пинтер“ и други), што убедливо сведочи за недвосмислената репутација на нејзината поезија во редовите на пребирливата критичка јавност.
Во оваа пригода е посочен и фактот дека првпат во 400 години долгата традиција на ова признание, во 2009 година, Дафи беше избрана и како жена поет лауреат на Обединетото Кралство. Таа е автор е на близу 50 книги, од кои најнови се „Искреност“ (2019) и „Панаѓур на студот“ (2019). Освен што е добитничка на значајни меѓународни книжевни награди, Керол Ен Дафи е носителка на високи одликувања, од кои највисокото е почесната титула дама заповедник на редот на Британската Империја, кое го доби во 2015 година.

– Во овие сурови, мрачни времиња за светот, бев воодушевена кога пред мојата врата ме сретна сјајот на „Златниот венец“. Да се додаде моето име на листата поети што толку многу ми значеле во животот, како читателка и како писателка, е скапоцен подарок за кој вечно ќе бидам благодарна. Поезијата е животен повик, музика на човечноста, која само сака да му одговори на светот и притоа да вплоти во него нови песни. Годинава изразот „ме изневерија зборовите“ доби тажно значење за мене како поетеса, па, така, оваа прекрасна награда од Северна Македонија духовно ме поткрена и усреќи, со тоа што сум добредојдена во оваа голема европска традиција на вреднување на поезијата – напиша во поздравното обраќање до македонската јавност Керол Ен Дафи.
Поетот Владан Кречковиќ, добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за дебитантската поетска книга „Париз Тексас“, доделена во соработка со УНЕСКО, е роден во Белград, во 1988 година.