Дитер Кослик, кој го води фестивалот од 2001 година, последните години беше цел на критичарите поради квалитетот на филмовите во главната програма. Незадоволството од неговиот мандат доживеа точка на вриење минатата есен кога 79 режисери потпишаа отворено писмо и го објавија на порталот „Шпигел“ барајќи нов почеток за фестивалот како и ангажирање „личност со извонредни организаторски способности

По долга и темелна потрага во изминатата година „Берлинскиот филмски фестивал“ го ангажираше Карло Шатријан за нов уметнички директор, потврдуваат неколку германски медиуми а пренесува и американскиот филмски портал „Инди Вајр“. Шатријан (46), од 2013 година уметнички директор на Филмскиот фестивал во Локарно, ќе го замени досегашниот прв човек на „Берлиналето“, Дитер Кослик (70). Мариет Ризенбек, пак, ќе биде извршна директорка на фестивалот, почнувајќи од 2020 година. Таа е првата жена на чело на престижниот „Берлински филмски фестивал“ од основањето.
Кослик, кој го води фестивалот од 2001 година, последните години беше цел на критичарите поради квалитетот на филмовите во главната програма. Незадоволството од неговиот мандат доживеа точка на вриење минатата есен кога 79 режисери потпишаа отворено писмо и го објавија на порталот „Шпигел“ барајќи нов почеток за фестивалот како и ангажирање „личност со извонредни организаторски способности што страсно го сака филмот и има добри меѓународни контакти и способна е да го однесе фестивалот во иднината што стои рамо до рамо со Кан и со Венеција“.
Договорот на Кослик истекува на 31 мај 2019 година. Тој во февруари годинава изјави за „Варајети“ дека мисли дека треба да го заменат две личности што ќе имаат две улоги на што германската министерка за култура, Моника Гритерс, прокоментира: „Зависи кого ќе најдеме“.

Веста за ангажирањето на Карло Шатријан, роден во Торино во 1971 година, објавена е во момент кога му истекува петгодишниот мандат во Локарно, каде што учествуваше во приредувањето на програмата составена од светски премиери во меѓународната натпреварувачка селекција, но и организирањето проекциите на холивудските хитови на отворено, на славната „Пјаца Гранде“ со присуство и до 8.000 луѓе. Шатријан ја почна кариерата како филмски критичар и селектор. Во Локарно прво работеше на ретроспективите, а кога стана селектор на главната програма „златниот леопард“ го освоија Ванг Бинг, Ралица Петрова, Лав Дијаз, Алберто Сера.
Тој успеа да го одржи добриот углед на Локарно меѓу проникливите европски филмофили и таа репутација како своја референца ја носи во Берлин, кој се одржува во февруари, непосредно пред доделувањето на „оскарите“ и по Санденс, а само неколку месеци пред Кан во мај.
Освен што ќе мора да се бори за место под сонцето со „Канскиот фестивал“, ќе мора да жонглира и со обемната програма од околу 400 меѓународни и европски премиери, строгите филмски критичари како и индустријата што повеќе сака да троши буџет за маркетинг на филмските пазари отколку во натпреварувачките програми.
Годинашниот „Берлински филмски фестивал“ привлече нешто помалку од половина милион луѓе, а годишниот буџет му е 25 милиони евра.