„Прифати разочарување, но никогаш не губи надеж“ е една од пораките на илустрациите на дизајнерот и видеоуметник, Горан Костовски, изложени во галеријата „Акантус“, на изложбата „Селебрајт лајф/емоции за еден град“

Овие денови кога Скопје се задушува во загаден воздух, а сѐ поголем број граѓани со маски за дишење се движат по неговите улици, во неговото Дебар Маало, во галеријата „Акантус“ една изложба насловена „Селебрајт лајф/емоции за еден град“ – изложба за подобро утре, на дизајнерот и видеоуметник, Горан Костовски, како ретко која го погоди моментот за своето одржување. Изложените илустрации што Костовски ги цртал од 2014 до 2017 година, секоја посебно, како што укажува авторот, претставуваат карактер што пренесува понекоја мисла за надеж и повторно оживување на самиот град, но и посочуваат што претставува градот за луѓето и како тие би го подобриле во иднина. Инспирирани се од реални ситуации од секојдневието и го коментираат загадувањето на воздухот во Скопје, кое деновиве го искачи градот и на врвот на светска листа за загаденост. Загадениот воздух е темата на оваа изложба, каде што авторот ја промовира и својата нова капсулна колекција дуксери преку кои исто така го искажува својот загрижен артистички однос кон просторот каде што живееме, високоестетски позиционирајќи ја својата граѓанската свест за родениот град на кој му требаат многу еколошки промени.

Горан Костовски
Фото: Ванчо Џамбаски

„Селебрајт лајф“, пак, претставува платформа за дизајнирање унисекс-облека и разни дизајнерски предмети и едукативни работилници, формирана во 2011 година, која покрај практичен аспект содржи и, како што посочува Горан Костовски, „филозофија зад себе – да се избегне мрачната и неподнослива состојба во секојдневието и да се потсетат луѓето на моментите кога танцуваат и ги слават убавите нешта“.

– Луѓето престанаа да се смеат. Заборавија на животот и радоста. Агресија, гнев и омраза насекаде и непрепознавање на средината доведе до стадиум на размислување во нова форма на уметничкиот израз. Впрочем, бедата се пренасочи во продуктивност. Своевиден потсетник за луѓето што повеќе да се радуваат бидејќи навистина е бесцелно да се трошат енергија и време на грди работи – вели дизајнерот, кој во оваа пригода потсетува дека некои од средствата собрани од продажбата на првата продукција на маици биле наменети за бездомните животни и за луѓе на кои им треба некаква помош.

Горан Костовски, кој живее и работи во Скопје, првпат изложил свое дело во 1998 година, а досега учествувал во низа самостојни и групни презентации, како и видеоперформанси во Скопје, Париз, Амстердам, Берлин, Целје. Дел од творештвото му е претставувано и на групни изложби на фестивали и во рамките на проекти како „Родовод“, „Армитраж“ и „Њу планет“.

– Скопје отсекогаш бил мека за моите сетила и можам да кажам дека целиот мој живот сум инспириран од сѐ што се случува во него, со сите свои перипетии, падежи, умирања и повторни раѓања на самиот град. Скопје отсекогаш бил загаден град бидејќи сме во котлина, но последниве 10 години ние само му додаваме повеќе загадувачи. Секоја од илустрациите на изложбата е инспирирана од реални ситуации од секојдневието и го коментира загадувањето на воздухот во Скопје со ПМ 10 честички, кое во изминатите десет години е од два до четири и пол пати повисоко од граничните вредности пропишани од ЕУ за квалитетот на воздухот. Изложбата е некој вид чистилиште на секоја моја тага, разочарување, но најмногу надеж за оживување на самиот град, кој е наш дом и јас навистина го сакам колку и да е тоа банално во деновите кога сите сакаат да емигрираат и секојдневно го уништуваат Скопје – вели Костовски, раскажувајќи ја својата авторска приказна. Тој вели дека животната средина го засега уште од средношколските денови и секогаш била негова огромна инспирација.

– Проектот „Cелебрајт лајф“ го почнав пред 8 години, веројатно, во најтешките мигови на нашето општество. Оваа изложба е пресек на периодот од 2014 до 2017 година и вкупно во тој период имам нацртано 150 илустрации, меѓутоа изложив само 30 (тешко беше да се селектираат, но мислам дека селекцијата е одличен пресек и пренесување на дел од емоциите за еден град) – вели авторот, напоменувајќи дека овој проект финансиски му го поддржала Фондацијата отворено општество.

„Прифати разочарување, но никогаш не губи надеж“, „Дома е таму каде што многу боли“, „Насмевките и среќата долго време се изгубени низ улиците на мртвиот град“, „Да се движиме и размислуваме во насока на подобри денови“; „Верувам во надеж, природа, напредок и прогрес. Дури би можел да верувам и во човештвото. Но, колку и да е тешко, сфатив дека во животот, растеш стануваш подобар и посилен… Славете го!“, „Најтажните места се оние што некогаш биле среќни“, „Секогаш постои можност за да биде подобро“, се некои од пораките на изложбата со која авторот директно искажува љубов и загриженост за Скопје. Тој вели дека истите тие најдобро се доживуваат визуелно.

– Овие дела се само крик на сите неправилности што ни се случуваат нам овде и сега во нашиот град. Не опоменувам никого само сакам да допрат до повеќе луѓе, да се освестат дека умираме секојдневно и навистина е жалосно што од себичност страдаме, а мораме да разбереме дека самите мораме да почнеме да се менуваме доколку сакаме да почувствуваме промени – вели дизајнерот. Неговата изложба беше отворена неколку дена пред Скопје да се искачи на првото место по загаденост во светот, при што тој го изнесе и своето мислење за тоа дали овој факт ќе се најде на маиците и на дуксерите што ги дизајнира.

– Ах, малку го згрешив тој факт со новиот дуксер каде што главната илустрација се зелени бели дробови, а пораката што тој ја пренесува е: „Скопје најзагаден град во Европа, а петти во светот“. Траурна мисла, но не ни очекував дека ќе стигнеме до првото место, воопшто не ме воодушевува тоа туку само повеќе ме загрижува – вели Горан Костовски.