Алберто Бури

Утре, со почеток во 18.30 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје, ќе биде отворена изложбата со наслов „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“. Куратор на изложбата е Бојана Јанева-Шемова. Свое обраќање ќе имаат Рикардо Пасони, директор на Галеријата на модерна и современа уметност во Торино, Италија, и кураторката, која в петок ќе има презентација за музејската дејност. Изложбата „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“ се обидува да прикаже можни ликовни врски меѓу делата од италијански и македонски автори, застапени во колекцијата во Музејот на современата уметност.

На изложбата ќе бидат видени и дела од авторите што биле дел и од првата постојана поставка на МСУ-Скопје во 1970 година, како Ренато Гутузо, Алберто Бури, Енрико Бај, Емилио Ведова, Афро Базалдела, Франко Џентилини, Никола Карино, Корадо Каљи, Џетулио Алвиани, Франческо Сомаини и други видни претставници и придвижувачи на актуелни уметнички правци во Италија и во Европа во повоениот период. Иако повеќето италијански дела и во колекцијата и на изложбата се од 1960-тите години, италијанската колекција ја карактеризира нетипична разнородност, особено што нејзиното збогатување продолжило и понатаму по оваа декада. Па, од 1970-тите и 1980-тите години неминовно беше да се вклучат во „Конекции во колекциите“ и автори како Пјеро Дорацио, Франко Фонтана, Мариа Тереза де Ѕорѕи, Мимо Ротела, Анџело Титонел, Марио Телери, Бруно Талпо и најистакнатите претставници на поштенската уметност – Виторе Барони и Гуљелмо Акиле Кавелини.

– Оттука, со делата од македонската колекција, изложбата трансгресира нагоре-надолу по временскиот вектор, па во изложбата се вклучени дела создадени од 1950-тите години до денес. Причината за ова меѓуисториско поврзување на различни начини на читања – модернистички и постмодернистички – се наоѓа во следењето на стилските, тематските и контекстуализирачките особености, како и ликовните елементи и принципи на италијанските дела во изложбата. Оваа трансисториски конципирана изложба, заснована врз индивидуален кураторски избор, прави и извесни исчекори од модернизмот, следејќи ги подоцнежните дела од италијанската колекција според определени ликовни аналогии и контекстуализации. Во нив делата на места резонираат себеобјаснувачки и врската меѓу нив е брза и отворена, но за некои од нив е потребно попроникливо читање на тематската или стилската поврзаност – велат од МСУ.

Петар Мазев