Музејот за модерна уметност во Њујорк се вмеша во контроверзните планови за уривање на владината зграда во Осло, позната по славните бетонски мурали од Пабло Пикасо. Ј-блокот, сместен во регионот Регјерингскварталет, во главниот град, треба да биде срушен според плановите на Владата, откако автомобил бомба ја потресе областа во терористички напад во 2011 година. Но во писмо од „МоМА“ адресирано кон норвешките политичари се бара „да се разгледа одобреното решение за уривање“.

Бруталистичката зграда Ј-блок, која беше дизајнирана од страна на норвешкиот архитект Ерлинг Виксјо во 1969 година, содржи два мурала дизајнирани од Пабло Пикасо, избрусени во бетонски sидови: „Рибарите“ на фасадата на зградата и „Галебот“ во лобито. Муралите ги направи норвешкиот уметник Карл Несјар. Соседната зграда од 1958 година, исто така дизајнирана од Виксјо, позната како Х-блок, содржи три мали внатрешни мурали на Пикасо и на Несјар.

Плановите за рушење на Ј-блокот првпат беа предложени од Владата во 2014 година, кога се тврдеше дека одржувањето на празната зграда е тешко и неисплатливо. Муралите во Ј-блокот, сепак ќе бидат спасени и преместени според планот, кој беше сериозно критикуван од повеќе тела за наследство.

Во март, на „Статсбиг“, агенцијата надлежна за имотот на норвешката влада, ѝ беше доделена „задача да започне подготовка за уривање на Ј-блокот“, според весникот „Архитект“, без да биде објавен датум за уривање. Муралите на Пикасо во Ј-блокот се планирани да бидат инкорпорирани во две нови згради што треба да се градат во владината област (додека пак зградата и муралите во Х-блокот ќе бидат обновени наместо уништени).

– Ј-блокот беше ограден пред десетина дена, а „Рибарите“ беа покриени. Работниците започнаа со работа на локацијата, но загрижувачки е што кога ќе го поместат муралот, тој ќе попушти. Никој не објасни како ќе го сторат тоа. Самиот ѕид е уметничко дело – вели Гро Несјар Греве, која е ќерка на Карл Несјар, за магазинот „Ает“.
Според норвешкиот весник ВГ, писмото го испратиле службени лица на „МоМА“ до норвешката премиерка, Ерна Солберг, и до министерот за животна средина, Свеинунг Ротеватн. Не е јасно кој го иницирал писмото; „МоМА“ не одговори веднаш на барањето за коментар.

– Ви пишуваме за да ја изразиме нашата сериозна загриженост во врска со одобреното рушење на Ј-блокот на владината зграда… рушењето на градежниот комплекс не само што претставува значителна загуба на норвешкото архитектонско наследство, но, исто така, ќе го компромитира секој обид за спасување или репозиционирање на муралите специфични за локацијата на Пикасо на друго место – се вели во писмото на „МоМА“ објавено во норвешкиот печат.

Тон Селмер-Олсен од Архитектонското здружение во Осло за ВГ изјави дека интервенцијата на „МоМА“ покажува „дека Ј-блокот не само што е едно од најуникатните модернистички дела на Норвешка туку дека е исто така дел од светската историја на архитектурата и уметноста“. Во меѓувреме, неодамнешната петиција со која се бара да се зачува Ј-блокот на владината зграда во Осло, собра повеќе од 47.000 потписи.

– Непосредно пред терористичкиот напад во 2011 година, двете згради требаше да бидат заштитени од Дирекцијата за културно наследство. Експертите, во и надвор од Норвешка, ги делат ставовите за нивната непроценлива вредност и се обидуваат да ја убедат Владата да ги запре плановите за уривање. Но, без никаков успех – се вели во петицијата што ја започна локалната кампања.