Милчо Манчевски за српско „Време“

По повод прикажувањето на најновиот филм на Мичо Манчевски „Врба“ (2019), во натпреварувачката програма на белградски ФЕСТ, режисерот во интервју за српско „Време“ зборува за својот шести долгометражен филм, за кој вели дека немал намера да сними феминистички филм, бидејќи не работи со предумисла и не верува во намери и агенди, но се случува во неговите филмови главните ликови да се женски. За него, жените секогаш се богати и силни ликови, дури и физички кога треба, едноставно жените му се поинтересни за наративната уметност.

– Оставам да ме води приказната. Ја чувствувам како музика, знам кога некоја нота е на место, а кога не е, знам кога некој пресврт во приказната е на место, а кога не е… Затоа што ме води слухот, немам однапред подготвен мотив или порака, тие произлегуваат од процесот на правење на филмот. Јас тоа го дознавам на крајот, обично некој од публиката ќе ми каже за што е филмот – вели Манчевски.
За „Врба“ вели дека не е ни прилог за Си-ен-ен, ни докторат од историја, туку е уметничко дело.

– Постои тенденција филмовите да се прават така што ја отсликуваат културата на една земја на начин што го замислил некој. Тоа е де факто расизам. Затоа од самиот почеток се тепам со продуцентите, често има крв до колена. Филмот или е добар или не е, но сеедно суштината не е да ја претстави стварноста како што ја замислува некој. Многу е полесно да се продаде егзотика, но како потоа ќе живееш со себе – вели режисерот. Тој додава дека му се интересни историјата, легендите, бајките.

– Сите нации имаат свои митови, само е прашање дали луѓето се подготвени да убијат за националниот мит или да го користат кога убиваат од други причини, на пример за имот. Митовите нема да исчезнат, убаво е да ги имаме како приказни. Дури и како дел од својот идентитет, но тоа не смее да биде централен дел на идентитетот – вели македонскиот режисер.
За тоа како се претставува, како македонски или американски режисер, Манчевски вели дека сосема е сеедно во која фиока припаѓа, важно е дали е добар или лош режисер.
– Мислам дека тоа инсистирање на националности, особено по фестивалите, е имплицитен расизам, кој многу луѓе многу добро го користат. Веќе 25 години, а може и подолго, се носам со тоа што демек се претставувам како „македонски производ“. Тоа е од една страна многу убаво, а од друга е товар. Во еден магазин во Јапонија излезе критика за еден мој филм, па мапа на која е заокружено каде е Македонија. Покрај тоа, беше напишано и како се изговара, па имаа ставено и фотографија од Македонија. Значи имам обврска кон гледачите и читателите во Јапонија, а и кон нашите луѓе, кои очекуваат дека јас треба да ги „претставам“.

Се трудам ни себеси да не се претставувам, а камоли некој друг. Тоа е многу интересна дихотомија: од една страна, кога мојот филм го гледаат во Бразил, Кина и во Европа, очигледно поради тоа мало парче уметност имаат позитивно мислење за нашата култура. Кај нас има луѓе на кои тоа им е убаво, но се лутат затоа што е претставено како живеат на село, автобусот е искршен, сиромашни сме и тоа е срамота. Тоа ништо не кажува за филмот туку за вредносниот систем.

Тие се занимаваат со сиромаштијата, а не со тоа што во филмот има луѓе со многу силни морални ставови, што е поважно од тоа колку овци имаш. Мене не ми беше намерата да ги пребројувам овците, но Македонците така го сфаќаат тоа. Тие повеќе би сакале филмот да биде реклама, но тоа тогаш е соцреализам и речиси никогаш не може да излезе добар филм – вели Манчевски за „Време“.