На различни нивоа, филмот отвора неколку теми. Заднинската приказна ја допира темата на внатрешната миграција од помалите градови (најмногу од истокот) кон главниот град, која во Македонија била особено изразена во раните 2000-ти, а продолжува и денес. Во поширока смисла, ова е и вечната македонска тема на печалбата и напуштањето на домот во потрага по подобра иднина, вели режисерката­

Ана Јакимска, режисерка

­„Синиот час“ на режисерката Ана Јакимска е краток игран филм што се случува во неколку часа пред Нова година, дејството започнува ноќта на една предновогодишна прослава и завршува во текот на следниот ден.
Во својата основа, „Синиот час“ е приказна за големите очекувања, од себе, од другиот, од општеството. Во оваа смисла, „Синиот час“ е локална приказна што произлегува од литературната традиција на т.н. билдунгс роман, чиј најдобар претставник е романот „Големите исчекувања“ на Чарлс Дикенс. Во актерската екипа се: Наташа Петровиќ, Жаклина Стевковска, Дарко Набаков и Тамара Ристоска.

Каква симболика носи насловот на вашиот нов филм?
– „Синиот час“ е природен феномен што се случува на небото двапати во денот, неколку минути пред изгрејсонце и неколку минути откако сонцето ќе зајде зад хоризонтот. Поради тоа што трае кратко, изгледа недостижно и далечно. Во Гевгелиско, местото од каде што потекнува Петра, протагонистката на „Синиот час“, старите го нарекуваат овој феномен „тенката мрак“ и му припишуваат речиси магиска моќ. Тие велат дека човек мора да биде многу внимателен во тие неколку минути и да не прави ништо, да не работи, да не трга на пат, со еден збор, да застане. Советот секогаш е дека дури и целосната ноќ е подобра од синиот час, зашто синиот час „залажува“ дека може да правите речиси сѐ како и на светло, а всушност постои опасност да се повредите. Хибрисот на Петра, односно нејзината драмска дрскост да го занемари овој совет ја носи кон страдање.

Какви прашања сакате да поттикнете со филмот?
– На различни нивоа, филмот отвора неколку теми. Основната приказна, која е во најголем дел психолошка и водена од ликот на Петра, ги третира темите на современата љубов и на денешните односи меѓу децата што пораснале и родителите што остареле – судирот на генерации што живеат во сосема поинакви услови и често се разидуваат. Заднинската приказна ја допира темата на внатрешната миграција од помалите градови (најмногу од истокот) кон главниот град, која во Македонија била особено изразена во раните 2000-ти години, а продолжува и денес. Во поширока смисла, ова е и вечната македонска тема на печалбата и напуштањето на домот во потрага по подобра иднина.

Имате одлична актерска екипа…
– Сите актери во „Синиот час“ ја имаат чувствителноста што ја бараше приказната. Исклучително сум горда на нивното читање на ликовите и им благодарам за сѐ што донесоа во градењето на светот на „Синиот час“. Кога би ги имала на располагање сите актери на светот, не би се прашала ни за момент дали постои подобар избор за ликовите.

Во тек е постпродукција на вашиот краткометражен филм, кога да ја очекуваме домашната премиера?
– Филмот е во завршната фаза на постпродукција, работиме на дизајнот на звук и на музиката. Чест ми е што го имаме Тони Китановски во екипата како композитор, неговите широки познавања на уметноста се вистинска инспирација во оваа фаза на завршно обликување на филмот. Филмот ќе биде завршен есенва, а за домашната премиера ќе одредиме термин заедно со продукцијата „Кавал филм“.

Велите дека сакате да се чувствувате слободна како режисерка… Може ли да се достигне слобода во режисерската професија?
– Во Македонија имаме совршени услови за слобода во нашата професија, бидејќи филмовите се финансираат од државата (преку Агенцијата за филм), така што не сме надворешно обременети од приватни финансиери што би имале свои агенди. Но, секако, остануваат интернализираните синџири што ги носи секој од нас, а произлегуваат од културата од која доаѓаме и од тоа како таа култура е перципирана однадвор, т.е. од погледот на Западот. Проблемот на автоориентализацијата не е карактеристичен само за македонската кинематографија, тој постои во сите земји во развој, но треба да бидеме свесни за опасноста во која нѐ носи, тука не мислам на некакви политички последици, туку на опасноста да направиме филм што нема да биде автентичен и ќе биде симулакрум на една непостојна реалност. За мене како авторка, слободата секогаш се наоѓа на крајот на личната борба за автентичност и свесноста за сите интернализирани наративи.

Во меѓувреме, во што ја вложувате вашата уметничка енергија?
– Активно ги следам промените во општеството. Имам чувство дека ова е интересен момент во историјата на нашето живеење на Балканот, период кога се појавуваат нови текови, политички, но и граѓански иницијативи. На блиската иднина гледам со оптимизам, но и со претпазливост. Во ваква атмосфера го пишувам и сценариото за мојот прв долгометражен филм.