Во музејот „Гугенхајм“ во Билбао се подготвува голема изложба на Алберто Џакомети, која ќе биде отворена на 19 октомври и ќе трае до 24 март 2019 година. Изложбата во Билбао на славниот швајцарски вајар и сликар, автор на иконичните тенки луѓе, е можност да се погледне целокупниот негов опус, од кубистичките дела до оние пред смртта во средината на 1960-тите години.

Џакомети е роден во 1901 година во уметничко семејство. Неговиот татко бил угледен швајцарски импресионистички сликар, а помладиот брат Диего вајар и дизајнер. Другиот брат Бруно бил познат архитект.

Алберто Џакомети станал светски познат по своите изразито издолжени скулптури на луѓе. Неговото дело со наслов „Човек што оди“ е продадено за 104 милиони долари во 2010 година со што стана најскапата скулптура во светската историја продадена на аукција. Оваа скулптура во 1998 година е ставена на швајцарската банкнота од 100 франци. Во 2015 година споменатиот рекорд го надмина друга скулптура на Џакомети, која постигна цена од 141 милион долари и со тоа стана најскапата скулптура во историјата на аукциските продажби и наедно едно од најскапите уметнички дела некогаш продадени.

Во шпанскиот „Гугенхајм“ изложбата на Џакомети доаѓа по нејзиното поставување во Њујорк.