Изложбата насловена „Јас и ти, едно сме“, која е дел од познатиот ликовно- едукативен проект „Уметност за сите“ на Националната галерија на Македонија, ќе биде отворена денеска, во „Чифте-амам“, во 12 часот, по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Станува збор за досега најголемиот едукативен проект на галеријата во доменот на едукативниот сектор. Во проектот се реализираа голем број работилници, кои анимираа учесници деца со различен спектар на попречености, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби, притоа нудејќи можност за социјална инклузија, преку вклучување врсници од редовната настава.

– Проектот „Уметност за сите“ беше финансиран во рамките на програмата „Матра“ на Амбасадата на Кралството Холандија и е пример за грижа на различностите и потребите на маргинализираните групи. Од него произлегоа работилниците што се реализираа во период од 2017 до 2019 година: „Од мој агол“, „Дај му форма на животот“, „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“ и последниот, „Јас и ти, едно сме“ – посочија од Националната галерија.