Македонскиот уметник Страхил Петровски се претставува во галеријата на Македонскиот центар во Њујорк, на истоимена изложба со својот мултидисциплинарен проект „Екшн/риекшн/вор(л)д…“. Според кураторката Маја Чанкуловска, овој проект на Петровски иницира дијалог што се однесува на есенцијата на личната егзистенција, притоа позиционирајќи го авторот како ангажиран критичар на реалноста на современото општество.

– Проектот е замислен во насока на постигнување синергија на експериментите во различни медиуми, дискурси, наративи и контексти, кои функционираат како одделни дела со сопствена интимна „приказна“, но и заедно во вид на циклус што нуди сублимирана слика за односот на авторот кон постојното дехуманизирано општество.

Низ комплексни слоеви од универзални значења, тенденции присутни уште од неговите претходни визуелни остварувања, претставен е личниот став за импактот на колективната и, особено, лична одговорност (изгубена во лавиринтите на обременетата динамична и конфузна технолошка денешнина на информацискиот хаос). Потрагата по себството што нема да биде невидливо туку јасно ќе ги изразува своите ставови, потреби, стравови…, е обележана со присуството на кодовите од универзалната урбана консумеристичка свест – вели меѓу другото Чанкуловска.

Страхил Петровски e претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде што и магистрирал. Неговата уметничка практика опфаќа сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Тој во последните години особено користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Работи како советник конзерватор-реставратор во Националниот конзерваторски центар и како доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет.