Изложбата „Соочување – пандемиско емоционално соочување“ на Маја Танева ќе биде поставена во Паркот на франкофонијата – Мобилна/Монтажна галерија на ЦСУ, на 6 и 7 ноември. Со својата изложба таа ги поставува прашањата дали се враќаме во нормалност на живеењето, какво ќе биде тоа нормално секојдневие и кои белези и промени ги остави ова искуство врз нас.
– Во пандемиско емоционално соочување, како метафорична инспирација на авторот се вилинските коњчиња, најосетливите инсекти во природата, кои се сметаат за индикатори на трансформација, победа, слобода и креативност. Индустриските челични јажиња, како материјал што е користен при моделирање и создавање на овие ѕидни инсталации, во рацете на авторот се преточени во органски форми што ги прикажуваат чувствата и емоциите како рефлексијата преку грубиот материјал и првиот инстинкт на творење. Современата линија како единка и група, нејзиното преточување од тонската индустрија кон тонското емоционално пресликување се водилка на ова емоционално претставување – информираат од Мобилна/Монтажна галерија.
Маја Танева во 2009 година завршила Академија за ликовни уметности во Софија, отсек скулптура во класата на проф. Емил Мирчев. Членка е на ДЛУМ. Досега имала повеќе самостојни и била дел од неколку групни изложби.