Британскиот уметник Грејсон Пери е главен координатор на годинашната 250-та изложба на Кралската академија на уметноста во Лондон, која собира над 1.300 дела на реномирани уметници од светот, меѓу кои се и Аниш Капур, Дејвид Хокни, Мартин Пар, Бански, марина Абрамовиќ, Трејси Емин и др. Денес синоним за она што се случува во светот на уметноста е годишната летна изложба на Кралската академија, која е најголема и најпопуларна поставка во Велика Британија и една од најпрестижните во светот.
Изложбата прикажува дела во различни медиуми и жанрови, вклучувајќи сликарство, скулптура, фотографија, архитектура и филм, како на етаблирани така и на млади автори, нудејќи севкупен и единствен увид во современите светски уметнички трендови. Оваа година најдолговечната светска изложба одбележува 250 години континуирано одржување, со непрекината активност од втемелувањето на Академијата во далечната 1768 година. По тој повод Кралската академија на уметност одлучи да се потсети на голем број славни контроверзии поврзани со големата изложба, која годинава истовремено ќе ја следи историјата на нејзиниот развој, но ќе понуди и пресек на развојот на британската уметност.