Деновиве од печат излезе новата книга на Игор Анѓелков, „Филмски град“, како 13 издание во есеистичката едиција „Или-или“ на истоимената издавачка куќа. По првата негова книга, која ја третира седмата уметност, „Филм.мкд“ од 2015 година, за која ја доби и државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, во „Филмски град“ авторот во воведното поглавје продолжува да ги следи случувањата во македонската кинематографија низ серија осврти кон филмовите снимени во последниве неколку години.

Концептот оди понатаму, и во следните осум поглавја Анѓелков пишува за балканскиот, европскиот и светскиот филм, но низ есеистички текстови тој ги обработува и тематските филмови и класиците, за на крајот да ни подари шест текста во кои комплетно ги обработува филмските жанрови, како мала енциклопедија наменета за сите читатели и возрасти. Во години кога филмската литература речиси и да ја нема, книгите на Анѓелков се вистинско освежување и одлично го дополнуваат недостигот од филмска литература од домашни автори кај нас.