Во издание на издaвачкиот центар „Три“ излезе од печат книгата „Прекорот на Кикотливците“ од ирскиот автор Роди Дојл, во превод на Мирјана Буразер Китановска. Книгата е дел од новата едиција „Магични приказни“, поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

„Прекорот на Кикотливците“ е еден прониклив, мудар и забавен роман за сите возрасти. Оваа неверојатно смешна приказна започнува со еден сосем обичен човек, кој работи како вкусувач на бисквити. Одејќи накај работа, господин Мек не знае дека тргнал и кон својата ужасна (и многу смрдлива) судбина. Дали она што ќе му се случи е несреќа? Или за тоа се виновни палавите Кикотливци, малите суштества што ги казнуваат лошите возрасни? Одговорите можете да ги најдете на страниците на оваа весела приказна што ни ја открива вистината за тоа што им се случува на возрасните што се однесуваат лошо со децата.

Роди Дојл е ирски писател, драматург и сценарист. Автор е на единаесет романи за возрасни, осум романи за деца и седум театарски претстави и сценарија. Дејствата во неговите дела главно се одвиваат во Ирска, особено во работнички Даблин. Стилот му е препознатлив по големата употреба на дијалози меѓу ликовите, напишани на сленг и ирско-англиски дијалект, со малку описи или експозиција. Темите што ги обработува разгледуваат од семејни и лични проблеми до поголеми прашања од ирската историја. Дојл ја доби Букеровата награда во 1993 година за својот роман „Педи Кларк ха-ха-ха“.