Најновата книга есеи, теорија и критика со наслов „Медитерански есеи“ на Разме Кумбароски излезе деновиве од печат. Кумбароски е автор на над триесет книги поезија, романи, есеи, избори, критики, дел од нив објавени и во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Турција, Украина, Бугарија, Романија, Кипар. Застапен е во повеќе антологии.
Книгата започнува со латинската поговорка: „Каде се пријателите, таму е богатството“, а во предговорот писателот Веле Смилевски ќе забележи дека „Медитерански есеи“ се надоврзува на неговите претходните книги есеи и критики, „По патот“ и „Минатата година во Енхалон“.

– Кумбароски веќе во 2006 година беше награден од Друштвото на писателите на Македонија за својот есеј „Бревијарот на градот и писателот‘‘. Авторот посветил голем размав кон текстовите и приодите на есеистиката, теоријата и критиката, на нужните изворни светови и книжевни родови, со повеќе геопоетски негови текстови објавени во периодиката за последниве три или четири декади. Тој есејот го негува мултиестетски, како никој друг, како жива книжевна наративна опција и алка – вели Смилевски.
Книгата е составена од три циклуси. Во првиот циклус се застапени дваесетина македонски автори како: Блаже Конески, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Миладиновци, Прличев и др., а во вториот дел се застапени автори од странство: Јосип Јурај Штросмаер, Хелена Саблиќ-Томиќ (Хрватска), Горан Калоѓера (Хрватска), Петар Андасаров (Бугарија) и др.

Третиот циклус на книгата носи наслов „Во бескрајност“.
– Кумбароски ни открива дека есеистот поседува ранет поглед, посебен врвен облик и од во уметноста, како филозоф, мислител и златар, кој во својата ковачница ја кова својата златна реч на неговата волшебна кутија – соѕидана од зрели оревови јатки. Книгата „Медитерански есеи“ претставува вистинска творечка корифејска меѓа и аура за зближување, расчленување и обединување на лексичката неограниченост, како наниз и проток за опстанок на современиот македонски есеј – вели Смилевски.