Издавачката куќа „Македоника литера“ ќе учествува на 27-от Меѓународен саем на книгата во Пекинг, Кина, кој почнува денеска.
Во Пекинг ќе се одржи и форум на Здружението на издавачи на Кина и Централна и Источна Европа, на кој ќе учествува Нове Цветаноски, управител на „Македоника литера“, која пак е член на асоцијацијата уште од нејзиното основање.
Форумот ќе се одржи на интернет-платформа, а темата е преведувањето класици од општествените науки и заемното учење меѓу цивилизациите.
На саемот, поради ситуацијата со коронавирусот, доминантно учество ќе имаат кинеските издавачи, но своевидно учество ќе има и „Македоника литера“, чии македонски изданија на кинески книги ќе бидат изложени на штандовите на издавачите партнери.
Изданија на „Македоника литера“ на овој саем беа изложувани и во изминатите три години. Годинашниот меѓународен саем на книгата во Пекинг ќе се одржи под мотото „Живеј читајќи“, а една од поголемите манифестации на саемот ќе биде изложбата на книги за деца, на која ќе бидат изложени десет илјади наслови на 14 јазици, меѓу кои и на македонски.
Имено, ќе биде изложена серијата на македонски јазик „Најдобрата кинеска литература за деца“.
Инаку, Меѓународниот саем на книгата во Пекинг ќе има и интернет-верзија, а ќе се одржи еден месец подоцна, односно од 26 до 30 септември, на кој исто така ќе учествува македонскиот издавач.