Поворка од 22 мумии на владетелите на Древен Египет помина низ Каиро, од стариот до новиот музеј, следена во живо од голем број Египќани

Во текот на раскошниот спектакл вреден повеќе милиони долари, мумиите на 18 кралеви и на четири кралици беа префрлени од неокласичниот Египетски музеј во новиот Национален музеј на египетската цивилизација, оддалечен пет километри, на трети април, изминатиот викенд. Како што наведе Би-би-си, мумиите беа превезени во т.н. Златна парада на фараоните, со строги безбедносни мерки, во согласност со нивниот статус на културно богатство. Египет пред една година беше многу погоден од пандемијата на коронавирусот, но ограничувањата за собирање на отворено подоцна беа укинати поради намалувањето на бројот на новите инфекции и смртни случаи. Мумиите на владетелите се префрлени по хронолошки ред на нивното владеење, од династискиот владетел од 17 век пр. н.е., Тао Втори Храбриот, до Рамзес Деветтиот, кој владеел во 12 век пред новата ера. Една од главните атракции на Златната парада на фараоните беше кралот Рамзес Втори, најпознатиот фараон на Новото Кралство, кој владеел 67 години и е запаметен по потпишувањето на првиот познат мировен договор. Вниманието го привлече и кралицата Хатшепсут, која станала владетелка спротивно на тогашниот обичај дека жените не можат да бидат фараони.

Секоја мумија беше префрлена на украсено возило, посебно обезбедено од напади и опкружено со обезбедување. Посебно украсените возила со амортизери беа придружувани од дополнителна колона автомобили, како и од реплики на коњски воени коли. Древните техники на мумификација ги зачувале фараоните, но во текот на преносот тие беа сместени во посебни кутии исполнети со азот, за да се заштитат од надворешните услови. Улиците на патот во Каиро претходно се асфалтирани за поворката да поминува мазно, без проблеми.
Мумиите се откриени во 1881 и 1898 година на две места во урнатините на Теба, главниот град на Древен Египет, денешен Луксор. Претходно беа сместени во Египетскиот музеј, каде што во минатиот век ги посетувале туристи од целиот свет. Во новиот музеј ќе бидат поставени во Кралскиот хол на мумиите, осмислен на начин за посетителите да имаат илузија дека се наоѓаат во Долината на Кралевите во Луксор. Египетските власти се надеваат дека новиот музеј, кој ќе биде отворен месецов, ќе придонесе за обнова на туризмот, главниот извор на девизи за земјата. На индустријата на туризмот во Египет негативно влијаеја политичките превривања во текот на минатата деценија, а во скоро време и пандемијата на коронавирусот.