Во издание на Македонскиот центар на ИТИ е објавена збирката „Сирота мала богата драма“, која вклучува 11 кратки драмски текстови на современи македонски автори. Во драмското резиме за проектот и книгата, Иванка Апостолова, раководителка на Македонскиот центар на ИТИ, пишува за идејата и подготовките на оваа книга.

– Од другата страна на кулисите на македонскиот локалантагонизам; локалната,
меѓународната, глобалната политика во криза; екокатастрофата во Македонија;
злоупотребата на локалната култура и образованието; општите состојби на застој и сериски непризнавања, негирања и самонегирања, решивме состојбата на локално општа глупост и тапост да ја разбиеме со здрава и креативна иницијатива со поттикнувачко предавање, корисна работилница и креативно заокружување – книгата „Сирота мала богата драма“. Оваа книга настана како резултат на предавањето и работилницата на Улрике Зиха. Инспирирани од воведот за креативните и инвентивни состојби во современиот германски театар (кој важи за еден од најдобрите театри во светот), од поттикнувачкиот методолошки пристап на Улрике Зиха стигнавме до идејата за создавање кратки драми што ќе се овековечат во една конструктивна книга, со која, се надевам, ќе почнеме да ја разбиваме локалната стихија на сериски игнорирања, запоставувања и невидливост на македонската драматика и театар надвор од нашата земја, најчесто поради неодговорноста на културната политика – вели Апостолова.

Со оваа книга, додава таа, ќе се направи обид за поттикнување на присутност, опстој, континуитет на разни промотивни формати што ќе ги евидентираат, објавуваат, документираат, промовираат, поттикнуваат и поставуваат современите македонски драмски автори за уметничките состојби во современиот македонски театар и изведбени уметности да станат видливи во светот.

Менторка на работилницата е Улрике Зиха (1976, Хамбург), драматург, драмска авторка, преведувачка, предавачка и менторка на работилници за драмско пишување. Живее и работи во Хамбург, Германија. Нејзините текстови се поставувани во многуте германски театри и во театри низ Европа. Во збирката се вклучени драми на авторите: Ева Камчевска, Надица Трајкова, Елена Пренџова, Теа Беговска, Кирил Дончов, Игор Поп Трајков, Стефан Марковски, Васил Михаил, Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, Ирма Башевска, Миа Кантарџиева. Уредничка на збирката е Иванка Апостолова.
Книгата е објавена со поддршка на институт „Гете“.

Најдоцна до 10 февруари Македонскиот центар на ИТИ ќе ги објави сите пристигнати есеи, рецензии, осврти во електронската книга посветена на развојот на современата македонска драма и драматургија во оваа 2019 година.