За четирите македонски книжевни моќници (1 )

На еден век од раѓањето на четворицата македонски книжевни великани – Славко Јаневски (1920), Блаже Конески (1921), Коле Чашуле (1921) и Ацо Шопов (1923), препрочитувајќи ги и согледувајќи ги нивните впечатливи книжевни опуси, сигурен сум дека уште посилно ќе ја засакаме македонската литература. И во многу поголеми литератури ретко се случува вакви четири книжевни мајстори, речиси врсници, да се родени во еден толку збиен хронолошки миг од три години! Уште повеќе, зашто секој за себе создава јасно индивидуализиран креативен свет, што во македонскиот, но и во поширокиот книжевен контекст, достигнува висок вредносен дострел. Во една свежа, напната и добро хранета книжевност, делата на овие четири книжевни фигури од моќен книжевен калибар бараат подлабок увид, препрочитувања и превреднувања од страна на помладите толкувачи.
Во еден мој (чисто) субјективен прием на македонската поезија, поетските опуси на Конески, Јаневски и Шопов се меѓу првите десет, а Шопов е сѐ уште мојот ненадминат поетски првенец. „Црнила“ на Чашуле и ден-денес е силно и актуелно драматуршко дело, а и другите (многубројни) театарски пиеси, како на пример, „Вејка на ветрот“ или „Партитура за еден Мирон“, сведочат за неговата ангажирана проучувачка писателска дејност.
Ќе се обидам, во овој оглед, да ги согледам четворицата автори во рамките на едно мое подолго истражување за фигурите на Трибунот, Кловнот и Хронистерикот и нивната улога и функција во книжевниот и социјален живот. Се подразбира дека важен дел во ваквата класификација носи и односот на Трибунот, Кловнот и Хронистерикот кон власта, и обратно. Еве како ги определувам нивните особености:
Трибун – устоличено дејство врз современата култура и јавноста, суштински увиди во јазикот и книжевната традиција, баран советник и заштитник на националниот идентитет; во однос кон власта користи политичко влијание, но гради слика на човек над партиските интереси.

Хронисторик – јак полемички нагон, остар, некогаш вулгарен речник во милитаристички занес, роден колумнист, најчесто партиски определен, честа жртва при промена на власта.
Кловн – жанровски растрчан и иновативен, со најшироки варијанти на типот – од највесел до најмрачен – научен да се мимикрира, иако може да биде цел на озборувања. Во зависност од својот талент, или претходник, пионер на нови книжевни постапки, пред времето, или театрален маргиналец.
Имав среќа да се сретнам во живо со тројца од овие четворица значајни македонски автори. Единствено не се запознав со Шопов, но благодарение на пријателството со ќерка му Јасмина, се соочив со неговата работна соба, маса и библиотека.
Интересно е дека со Јаневски и Конески се запознав патувајќи. Буквално. Со Конески во автомобил, на пат кон Куманово, каде што се одржа промоција на стихозбирката „Црква“ (имав чест да бидам еден од промоторите), потоа вечера и враќање назад, со истиот автомобил, кон Скопје. На задните седишта на автомобилот бев стуткан меѓу две згодни младинки, организаторки на настанот. Конески седеше до возачот, кој беше сиот возбуден што вози таква личност и зборуваше гласно, како и младинките, кои, освен тоа, и гласно се кикотеа на тивките шеги на поетот. Со Јаневски, пак, се запознав во ноќниот воз Белград – Скопје (за таа средба пишував во антиупаството бр. 221). Иако имавме резервирани места во вагонот за спиење, поминавме долгочасовен ноќен муабет во ходникот на возот. Темпото на неговиот говор беше релативно бавно, но зборуваше долго, го паметам неговиот устен есеј за Маркесовото Макондо (подоцнежна поврзаност со Кукулино?).

(продолжува)