За четирите македонски книжевни моќници (3)

Оттаму, не би се двоумел во творечките и човечки стратегии на Јаневски да ја препознаам неедноставната, понекогаш застрашувачка кловновска сушност.
Тука, се чини потребно уште еднаш да ги појаснам (иако тоа порано веќе го формулирав) особеностите на оваа категорија писатели, зашто инаку ознаката „Кловн“ може (сосем) погрешно да се сфати. Да повторам: жанровски склон кон хибридизација и експериментирање, писателот кловн е подготвен да си игра, да не го запира движењето на текстот, притоа користејќи широка гама на поетички средства и „трикови“, неговото писмо може да изненади со ненадејности и пресврти.
Чашуле, со кого, преку Независните, се среќавав почесто, поседуваше разговорна, немирна, борбена природа. И покрај доцната возраст, почнуваше и влегуваше во дискусии жестоко бранејќи ги своите ставови. Бев импресиониран од неговата виталност, физичка, но уште повеќе ментална, со бистра и остра перцепција на своите современици и епоха. Неговите кажувања, како и неговите драми и проза, ги исполнуваа фабули и ликови, нагласено карактерно и емотивно дегустирани. Додека кај Јаневски минатото се напојува со магичното, кај Чашуле тоа се осегашнува. Авторите со нагласена хронистеричка особеност, без оглед на својата поетичка разноликост (Мајаковски, Киш, Орвел…) ги актуализираат своите сижеа, и кога станува збор за историја и кога тие се обликуваат во басна. И најчесто на некој начин го „наговараат“ читателот да им се придружи на нивниот став. Чашуле спаѓа во таа група ангажирани писатели, кои го чувствуваат времето, минато или сегашно, како поттик за дејствување, како вештина уметнички да се обликува етичката порака.
Останува Шопов. За неговата поезија напишав еден од своите најдолги есеи со наслов „Номадот Ацо Шопов“, фасциниран од неговата поетска моќ на трансформација, што од стихозбирката „Слеј се со тишината“ до последната „Дрво на ридот“, е во постојаната геопоетичка потрага по созвучјата меѓу надворешниот и внатрешен пејзаж. На ова патешествие, секоја книга на Шопов освојува поетска територија поинаква од претходната, а сепак не би било можно да ги разлабавиме нивните врски, или уште полошо, да ги разделиме, зашто патникот стихотворец е еден во својата менливост.

Би ја искористил ознаката Поет Номад како еден од специфичните поттипови на Кловнот. Оној што памети, ама не се закотвува во сеќавањето. Тој гледа како неговиот живот тече, но низ својата проточна мудрост ја прочистува сликовитоста на надворешниот свет. Во тој поетски пристап, раснењето на творечката сила е очигледно: од најраните, пишувани заедно со Јаневски, „партизански“ збирки (иако меѓу нив е незаборавната песна „Очи“) до сублимираната „Стихови на маката и радоста“ се минати само две години. Во своето творештво, поетот имал и духовит интервал, во сатирично-игривата збирка „Јус – универзум“, што покажува дека кловнот номад може, во согласност со инспирацијата, да биде остар и сатиричен.
Чест е, среќа и поттик за една национална литература, да слави стогодишнина од раѓањето на четири автори од рангот на Јаневски, Конески, Чашуле и Шопов. Нивните дела, проникнати со спознанието на светот, на татковината, но и со самоспознанието, ослободени од провинцијализмот, везени на македонски јазик, а со универзален карактер, се вградени меѓу најзначајните во современата македонска книжевност.