ЗА ТРИЛОГИЈАТА „КРУЖНО ПАТУВАЊЕ“, 1

Трилогијата „Кружно патување“ е анимиран проект составен од три посебни целини, поврзани меѓусебно преку неколку важни компоненти – од текстот, трансформацијата во филмско сценарио и режисерскиот метод со свои специфичности и иновации за секоја од трите приказни, што заедно составуваат целосен креативен производ. Секоја од приказните се состои од репетитивна наративна структура, тематски одредена преку дејството во самите приказни: во „Сенката“ тагата по изгубениот син, кај „Марето“ откривањето на магијата на филмот, во „Монахот“ неверојатната сила на љубовта и инспирацијата. Секако дека во компонирањето на филмовите секоја бараше определен визуелен третман и аниматорски стил. Би истакнал уште една компонента што ја вклопивме во изработката на филмовите: секоја приказна е поврзана со препознатлив македонски амбиент: првиот филм е сместен во едно старо и едно ново Скопје, пред и по земјотресот, вториот е во руралната и урбана Битола во времето на браќата Манаки и третиот е сместен во средновековниот мистичен манастир „Св. Заум“ на брегот на Охридско Езеро.

Кружно патување на сенката

Сценариото за филмот е базирано врз истоимениот расказ од Димитар Солев. Станува збор за расказ со современа градска тематика длабоко поврзан со проблематиката на човековото живеење. Во својата постојана експанзија, градот на живите не запира пред градот на мртвите. Стариот железничар ги преселува коските на својот син од едни гробишта на други и сѐ одново сади фиданка над синовиот гроб, најпосле со крајните старечки сили. Сценариото е поделено на три еднакви целини, кои се и три периоди од историјата на Скопје, три периоди од животот на еден човек. Прераната загуба на своето дете го оттргнува таткото од реалноста на секојдневието и го втурнува во вдлабочување во сопствениот внатрешен свет и ништо повеќе нема важност, освен патот по кој пешачи за да стигне до гробот на својот син, за да му посади дрвце да му држи сенка.

Кружно патување на Марето

Сценариото за филмот е базирано врз вистинска приказна во која се зборува за говедарка, која, кога првпат оди во кино и гледа вестерн филм и кога говедата се затрчуваат кон камерата, од страв рипнува и ги брка. Приказната зборува за Мариово, централна фигура е селанката говедарка, која во селото ги пасе кравите. Кога на крајот од денот ќе тргне да ги прибира кон шталата, за да ги спотера животните мора силно да вика. Затворајќи ги, оди кон дома, кон старата камена куќа пред која седи и преде баба ѝ, баба Деспина од снимките на Браќата Манаки. Во следната сцена девојката се дотерува и тргнува на пат. Поминува низ неколку карактеристични мариовски пејзажи, по пат сретнува црковна поворка, уште еден кадар од снимките на Манаки. Кога ќе влезе во киното, ќе ги види пред себе сите сцени низ кои помина на пат до градот, а кога на платното ќе се појават кравите од кадарот од Ветеринарната болница, ќе скокне и гласно ќе ги брка. Крупниот кадар од нејзиното лице нѐ враќа повторно назад на полето каде што е со своите крави.

(продолжува)