Кризата со ковид-19 послужи и како катализатор за круцијални иновации што веќе беа во тек, особено видливи во зголемениот фокус на дигитализацијата и креирањето нови форми на културни искуства, вели Маја Чанкуловска-Михајловска, претседателка на МНК ИКОМ

Маја Чанкуловска-Михајловска, претседателка на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите

„Музеи за еднаквост: разновидност и инклузивност“ и „Иднината на музеите – закрепнување и реинтерпретација“ се темите на коишто годинава се одржа онлајн советувањето на Меѓународниот ден на музеите,18 Мај, организирано од Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ), на кое учествуваше и неговата претседателка Маја Чанкуловска-Михајловска.
Маја Чанкуловска-Михајловска e историчарка на уметноста, критичарка и кураторка. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, при Институтот за историја на уметноста со археологија. Работи како виш кустос во Националната галерија на Македонија. Организирала повеќе самостојни и групни изложби.

Во колкава мера пандемијата на ковид-19 влијаеше на изборот на темите за советувањето на Меѓународниот ден на музеите и на кои актуелни состојби и процеси во музеите во Македонија и светот се фокусираа учесниците?
– Вообичаено, темите на кои се осврнуваат советувањата се избрани од Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ) со седиште во Париз, Франција. Темата за 2020 година гласеше „Музеи за еднаквост: разновидност и инклузивност“, а за 2021 година „Иднината на музеите – закрепнување и реинтерпретација“. Во 2020 година не беше можно да се одржи советувањето, затоа оваа година во изменета форма им се посветивме на двата наслова, кои допираат актуелни теми од работењето на музеите во светот. Според ИКОМ, темата „Музеи за еднаквост: разновидност и инклузивност“ ги обележува разновидноста на перспективите што придонесуваат кон заедниците и персоналот на музеите и поддршката на алатките за идентификување и надминување на предрасудите во изложувањето и приказните што се раскажуваат.

Потенцијалот на музеите да креираат значајни искуства за луѓе од секакво потекло е есенцијален за нивната социјална вредност. Предизвиците за инклузивност и разновидност и тешкотијата во проникнување низ комплексни социјални проблеми и изразено поларизирани средини, иако не се уникатни за музеите и институциите од културата се клучни поради влијанието што овие институции го уживаат во културната детерминација на општеството.
Темата „Иднината на музеите – закрепнување и реинтерпретација“ се однесува на креирање, замислување и споделување нови практики на кокреирање вредности, нови бизнис-модели за институции од културата и иновативни решенија што ќе помогнат во социјалните, економските и еколошките предизвици на сегашноста. А 2020-та беше година како ниедна досега. Кризата со ковид-19 одненадеж го уназади целиот свет, со директно влијание на сите аспекти на нашето живеење, а музеите не се имуни на овие промени, при што секторот култура беше меѓу најпогодените, со сериозни економски, социјални и психолошки краткорочни и долгорочни реперкусии. Но оваа криза исто така послужи и како катализатор за круцијални иновации што веќе беа во тек, особено видливи во зголемениот фокус на дигитализацијата и креирањето нови форми на културни искуства. Се случи моментот за повторно обмислување на нашиот однос со заедниците на кои им служиме, за експериментирање со нови, хибридни модели на културни остварувања и силно потврдување на есенцијалните вредности на музеите, за конструирање праведна и одржлива иднина.

Онлајн презентациите на уметничките дела, на изложбите, на артефактите од збирките и колекциите, сѐ уште не се практикуваат во сите музеи и галерии во земјава. Дали причината за тоа е само техничката (не)опременост или, пак, и несоодветната организација на работата?
– Постојат повеќе причини за немање онлајн презентации насекаде, односно збир на повеќе проблеми. Не станува збор само за техничка неопременост во музеите, ниту пак за несоодветна организација на работата, иако и двата недостатока се сериозно присутни во различни (не сите) институции. Сметам дека намалениот број на стручен кадар во музеите е еден од круцијалните сегменти за кои треба да се поведе грижа што поскоро, заради квалитетот на самата стручна дејност, која е основа за каква било квалитетна и суштинска презентација, презентација што ќе понуди релевантни информации и сознанија, не само инстант понуди.

Членови на МНК ИКОМ се и музеите коишто ја сочинуваат Мрежата на локалните музеи во Македонија. Задоволна ли сте од начинот на нејзиното функционирање и во колкава мера МНК ИКОМ може да ѝ помогне во тоа?
– МНК ИКОМ како дел од светската мрежа на ИКОМ е секогаш отворена и подготвена за секаков вид соработка и поддршка на активностите за подобрување на музејската дејност. За тоа сведочат и официјалните меморандуми за соработка со МНК ИКОМОС и МНК СИН ШТИТ, заедничките настапи и долгогодишните партнерски проекти со овие наши т.н. сестрински организации, бидејќи заштитата и промоцијата на културното наследство се заедничка обврска. Мрежата на локалните музеи во Македонија е уште една организација, која во случајов се занимава со надминување на мноштвото проблеми на, како што укажува самиот наслов, локалните музеи, а чија работа сесрдно ја поддржуваме во секоја форма, бидејќи сите ние сме дел од големата слика и секогаш се потребни вмрежувања за секаков вид прогресивни иницијативи и активности. Како официјализирање на соработката и со Мрежата на локални музеи, може да ја најавам и претстојната средба на претставници од сите горенаведени организации, за дискутирање на проблемите, начините и стратегијата за нивно надминување.

Традиционалната награда за музеј на годината за 2019 година, МНК-ИКОМ му ја додели на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а Националната галерија ја доби наградата за музеј на годината за 2020 година за галериска дејност во време на пандемијата на ковид-19. Што беше пресудно за да им припаднат наградите?
– Наградата посветена на Меѓународниот ден на музеите ја доделува комисија составена од пет члена, истакнати во својата област. Според комисијата, музејот на годината за 2019 година е Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, бидејќи по основа на сите критериуми, овој музеј одговори со максимални бодови. Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија како единствена институција на Западен Балкан што се занимава исклучиво со истражување на животот на Евреите пред Втората светска војна, за време на војната, холокаустот и последиците од него, понуди древна и трогателна приказна, истовремено потресна и трезвена за едно минато и поука за идните поколенија. Тоа е приказна за човекот, за доброто и злото, приказна за човештвото. Ги поздравивме меѓународниот тим на експерти и професионалци, соработници и коавтори и тимот вработени во Фондот на холокаустот за создавањето на изложбената поставка, вклучени во нејзиното дизајнирање, адаптирање, фабрикување на просторот и реализација.
Наградата за музеј на годината за 2020 година ја доби Националната галерија на Северна Македонија. Онлајн активностите во периодот на ковид-пандемијата покрија три проекти во галериската годишна активност, откривајќи ја идејата за една уметничка архива. Со „Изолациските дневници“, како сведоштво за специфичниот период и изолацијата што наново ги реанимира и пробуди уметниците од јавната сцена преку нивниот покажан став, дело, видео, докажувајќи уште еднаш дека уметноста нема граници и дека може креативно да се адаптира и емитува на различни изрази или електронски форми. Вториот проект, „Од ризницата на Националната галерија“ ни понуди и нѐ запозна со биографии на автори и детални стилски содржини од својата богата ризница, а преку серијалот „На денешен ден“, делата депонирани во галериското депо, ретко или никогаш изложени, станаа пристапни и едукативни за секој гледач на социјалните мрежи. Она што треба да се истакне е дека во Галеријата се одвиваа и превентивни мерки околу продорот на атмосферската влага, заштитата од УВ-зрачење и оградување на културното добро во Чифте-амам. Тоа докажува дека двата значајни споменици на културата, Даутпашиниот амам и Чифте-амам, заслужуваат тековна грижа. Кога била разгледувана долгата апликација, помислиле дека се работи за збирен извештај од повеќе музеи до Министерството за култура!

Учествува ли МНК ИКОМ во овој период во одредени меѓународни проекти или активности и на кој начин?
– Освен учеството на редовните годишни состаноци во Париз (неможно да се одржат со физичко присуство во текот на 2020 и 2021 година), учество на генералните конференции, како Македонски национален комитет, со ангажман на своите членови, учествуваме во голем број активности на ИКОМ СЕЕ (Југоисточна Европа) веќе 15 години и ICOM EUROPE. Особено се истакнува активната улога што ја има во ИКОМ СЕЕ, алијанса во која се поврзуваат музеите и професионалците во регионот и ја менуваат состојбата во заштитата на наследството со заедничка стратегија и активности.
Од 2018 година сме особено присутни со нашата вклученост во процесот на осмислување на новата музејска дефиниција, за што потсетуваме на тркалезната маса на тема: Што е музеј? Нова музејска дефиниција, одржана во Археолошкиот музеј со голем број членови гости на РА ИКОМ ЈИЕ, кои активно се вклучија во дискусијата. За организацијата на овој настан кај нас на последниот состанок пред три месеци на Консултативното тело на ИКОМ на светско ниво добивме јавно признание и пофалба од тогашната претседателка на РА ИКОМ ЈИЕ, а сега претседателка на ИНТЕРКОМ, Горанка Хорјан. Се разбира, уште пред пандемиското време, кое го смени нашето гледање на светот, во согласност со светските промени, произлезе потребата за многу промени и во однос на музејското работење, поточно измена на дефиницијата „музеј“, која како заедничка основа функционира веќе 50 години и која би била во согласност со новите потреби. Веројатно затоа и изминативе години годишните теми на ИКОМ се однесуваат на промените што треба да се дискутираат за прогресивни промени во новата дигитална доба, потреба што стана очигледна реалност минатата година.