(Скопје: „Авант прес“, 2018)

Најновата прозна книга на Томислав Османли, „Океан од слики“ (раскази и каприча), е компонирана како своевиден меланж од постапки, жанрови и теми, јазици и дијалекти, но пред сѐ од слики и зборови според слободната форма на музичкото дело капричо, со што нашиот автор се надоврзува на една своја претходно објавена збирка раскази – „Каприча“ („Магор“, 2009). И содржината ја следи оваа хибридна и флуидна структура; освен експлицитните реминисценции и интермедијални релации воспоставени со еден култен (интелектуален) стрип – „Корто Малтезе“ на Хуго Прат, Османли автореференцијално ја продолжува сопствената расказна традиција со инкорпорирање „три прозни сеќавања“ во структурата на збирката – претходно веќе објавени, но дополнети во ова издание.

Обединувачката и централна функција во оваа комплексна и хетерогена книга, сепак, ја има приказната. Нашиот Томи умее да раскажува приказни. Кратки, згуснати, како неговите „четири прози, кратки колку животот“; или кога во расказното ткиво вткајува автобиографски елементи (во циклусот „Три прозни сеќавања“); или кога инвентивно си поигрува со наративната рамка како пропусна мембрана помеѓу реалното и фиктивното, сонот и стварноста, прочитаното и доживеаното (парадигматичен е воведниот расказ „Малиот Немо во мундирот на Корто“); или кога иронично алудира на некои актуелни состојби и случувања, при што експлицитно ги критикува општествените аномалии: олигархијата, економските малверзации, дискурсот на моќ, моќта на парите, полтронството, но и квазиуметничките појави (како во расказите: „Смук“, „Сонот на Ангеле Богев“, „Преплавени од среќа“, „Полуисчезнат човек“). И иако шарен, овој „океан од слики“ (треба ли да се нагласи очигледниот омаж на херојот од стрипот – Корто Малтезе), океан длабок и бурен, фасцинантен и застрашувачки како и животот, сонот или литературата, чудесно се хармонизира од почетното вовлекување во процесот на иницијација, писателска или читателска, сеедно (аналогно на малиот Немо, кој буквално преку сонот влегува во светот на стрипот), до завршната творечка дилема: како да се стигне од идеја до реализација, кога првичниот импулс честопати завршува како изгубена можност, впрочем, како и мноштвото приказни со кои сме опкружени во нашето секојдневие и кои чекаат да бидат прочитани или доживеани.

Особено се интересни расказите што го проблематизираат феноменот на идентитетот, како расказот „Полуисчезнат човек“, напишан во најдобрата традиција на фантастиката на апсурдот и на гротеската во стилот на Гогољевиот „Нос“ или на „Метаморфозите“ на Кафка. Носечкиот лик – службеникот во една фирма за увоз и трговија со керамика Кристијан Караџафери, или скратено К.К., е лик на аутсајдер, антихерој, кој никако не може својата разгранета личност, космополитска природа, својот професионален и општествен живот да го „пикне во графи“ со „однапред предвидени опции“ – како што вели нараторот. Бесмислата и апсурдот на административниот апарат со кој се соочува К.К., чувството за некомплетност, резултира со буквално физичко исчезнување на делови од неговото тело, што, покрај првичниот шок, му даваат предност во релацијата со другите, па тој слатко се забавува и со уживање им се одмаздува на завидливите колеги. Оваа чудна и необична појава (телесното исчезнување) како епидемија се шири наоколу, па застрашувачкото добива смешна физиономија, гротеската извојува победа не само на содржински план туку и на рецепциски, бидејќи авторот, иако навидум попатно, мошне сугестивно ги вовлекува и читателите во целата лудистичка постапка, обраќајќи им се со фразите: „драг читателу и особено драга и родово сензитивна читателке“ и „почитувана читателке и драг родово диференциран читателу“. Сите се препознаваме, нели?! И во видливоста и во невидливоста на идентитетот. И во родовите релации и во нагласената различност. Гротескната и иронична визура на светот прераснува во филозофија што живот значи, како единствено човеково оружје во грчевитиот напор да се опстои и покрај сѐ.

Освен посочената карневалска визија на реалноста, Томи Османли умее и топло да раскажува и растажува со својата проза. Парадигматичен во оваа смисла е расказот „Виолетниот сон“, во кој нараторот, по смртта на мајката, започнува да забележува „виолетни сенки среде животната светлина“ и да мисли на „животот на сенките.“ Овие трогателни мисли за дијалектичкото проникнување на животот и смртта допираат до душата, облагородуваат, будат спомени… „Боже, си велам нечујно превиткувајќи ги пожолтените листови хартија, не е ли човекот едно жално, безимотно суштество што, всушност, не поседува ништо, освен времето, себеси, своите непредметни нешта, своите чувства, своите спомени“ – читаме на едно место во книгата. Личната и колективната драма се неразделно поврзани и хармонизирани во единствен наратив, наративот наречен Живот, тој „океан од слики“, кажано со речникот на Османли, кој повикува на неповторлива авантура. Да се нурнеме!

Лидија Капушевска-Дракулевска