„Целото наше страдање не доаѓа од надворешните околности туку од нашата потреба да се бориме со нив, да не ги прифаќаме и по секоја цена да ги промениме“, Буда

Во таа точка е страдањето, сега треба да застанеме и точно да видиме каков живот сакаме да живееме. Ова е моментот, неверојатниот синхроницитет, кога првпат сите на планетава делиме една иста судбина. Какво сценарио! Да ни кажеше некој да го погледнеме животот како на филм, како од ова место тој ќе продолжеше? Имаме колективна естетска доживелица и како сите заедно да ја живееме бајката за Трнорушка. Надвор е лошата вештерка, која сака да нѐ убие, но ние никако не можеме да ја видиме. Го чекаме принцот херој да нѐ спаси додека целиот свет е замрзнат, за час целиот свет застана и ништо не се случува додека љубовта не нѐ извади од злото.
Човекот денес се наоѓа во т.н. суперквантна позиција. Дезориентиран се наоѓа во меѓупросторот – дали ќе оди на точката А, каде што е љубовта, или на точката Б, каде што е злото. Колку е важен овој миг за нашиот живот за целата наша цивилизација.

Уметноста што се создава во времето во кое живееме добива божествено начело. Живееме внатре во една тајна, тајната на колективната судбина во која e несфатливо како се најде човекот. Живееме во времето и местото каде што треба да направиме нов цивилизациски скок.
Постоеше едно глобално и индивидуално незадоволство во изминатите години. Во тој меѓупростор сѐ уште не сме одлучиле каде ќе одиме. Овој миг има огромна моќ, затоа што токму овој миг е мигот на одлука како ќе го трасираме нашиот понатамошен животен пат.

Егото е целосно нападнато. Егото е инстинктот да нѐ држи да преживееме. Сега, во вакви базични несигурности на губењето на тлото под нозете, егото лудува, паничи, сака се да се врати сѐ по старо. Егото ја сака рутината, ситуации каде што се чувствува сигурно, познати шеми и обрасци. Но дали тоа навистина го сака нашата душа? Да живееме во веќе познатите, стари и истрошени обрасци?
Светот застана, се замрзна. Застанавме и ние да видиме како живееме и на која точка ќе се задржиме. Како сите да сме зеле здив и не го испуштаме, чекаме целата оваа ситуација да заврши. Целата планета застана и се обедини околу еден заеднички проблем, а од решението ќе профитира целото човештво. Ова планетарно здружување ќе го дефинира новото цивилизациски поместување за наредните двесте години, до некоја нова криза, до некоја нова револуција, до некоја нова поголема свесност. Додека седиме дома, целата природа се регенерира. Во Венеција се вратија лебедите и рибите. Делфините почнаа да се доближуваат, небото се осветли од авиони и загадување.

Како ќе продолжиме по оваа лекција? Видовме дека сме слободни во изборот, но и детерминирани во последиците од изборот. Сега никако не можеме да ја игнорираме оваа глобална порака на мајката природа, која неизмерно нѐ љуби. Да, таа можеше со еден потег да направи да исчезнеме. Шест цивилизации пред нас се исчезнати, збришани од лицето на Земјата. Природата многу одамна почна да нѐ предупредува. Ние никако не се освестувавме дека таа е интегративен дел од нас. Овие лоши темели мора да се заменат со нови. Почнавме (иако оправдано) да живееме во тоталитаризам. Некој нѐ следи, имаме ограничено движење, го изгубивме базичниот фундамент – својата слобода. Ние мора да прифатиме дека човекот е најкреативен кога е слободен.
Ако останеме во хистерична состојба, сите овие привремени мерки ќе останат трајни, нонстоп ќе се појавуваат помали кризи, кои ќе го оправдуваат овој момент.

Она што сега некои сакаат да ни наметнат е дека оваа тенденција да се оди вртоглаво надолу е нормална. Ако таа еднаш заживее и ние колективно ја прифатиме како нормална, нема веќе назад. Да останеме во страв, да го поддржуваме тоталитаризмот, да се согласиме да ја дадеме слободата, да се поддржува распадот на економијата, да се радуваме ако добиеме трошка за нашиот енормен труд? Да живееме во беда за да го спасиме здравјето. Тоа е обична политичка манипулација. Не прашуваат сакаш ли да умреш или да те контролираме? Двата избори се крајно деструктивни. Постои и третиот пат. Тука е пресвртницата во нашето сопствено филмско сценарио. Тука е највозбудливиот дел. Сега ние сме главните херои во нашиот живот.

Корона е круна, потекнува од латинскиот збор, лавров венец, медал што им се дава само на победниците, корона е и крунската чакра, таа им се става на главите само на оние што ќе се поврзат со духовното, со љубовта, со небесното. Така ќе издвоиме победа сега, така ќе станеме херои на сопствениот живот. Сега е време за големи победи, духовни победи. Со промената на парадигмата на духот во повисоките небесни сфери, материјата и сѐ што е поврзано со земското ќе мора да ги следат нашите духовни достигнувања.

Мимоза Рајл