Нова естетска линија во творештвото на Јане Чаловски и на Христина Иваноска

Натали Рајчиновска Павлеска

Јане Чаловски и Христина Иваноска се меѓународно афирмирани македонски автори, кои со својата активност на локалната сцена сосема природно се надоврзаа на последната современа линија на уметничкиот израз на 1990-тите години, овозможувајќи исчекор кон новото време, сврзница на постојниот културен спектрум, кој освен преку нивните дела ја збогати културната сцена во Скопје и преку проектниот простор „Прес ту егзит“, основан во 2004 година. Чалоски и Иваноска во 2015 г. ја претставија Македонија на Венециското биенале за уметност.

„Епилог (форма на расправа)“ е трета и последна од трилогијата изложби, конципирана околу индивидуалните и заедничките практики на уметниците содржани во голем број инсталации, цртежи, објекти, видеа и фотографии од нивните рецентни проекти во период од 2015 до 2018 година, заокружувајќи го творечкиот циклус со вклучување нова и свежа перспектива на серија од дела „9 принципи на отворена форма“, како дел од истражувачкиот проект „Отворено, формирано и неизградено: Музејот на модерна уметност на Оскар Хансен“. Во творечкиот циклус на двајцата автори преовладува ризоматски-аналитичен процес, промислувањето наспроти ликовната перформативност на исказот, особена поврзаност или одвоеност на машкиот принцип и на женскиот принцип, евидентно присутeн во заедничката продукција, нудејќи и наложувајќи посебно и различно толкување на нивните дела.

Резонантната концептуална проникливост сведочи за одредена асимилација или населеност на доминантните дискурси и појави од светската сцена, повикувајќи се често во своите дела, авторите ја употребуваат и разработуваат современата теорија и форми на уметничка практика датирана и присутна во делата на веќе етаблирани автори (уметници и теоретичари) уште од крајот на 19 век, покажувајќи со тоа поширок интерес и познавање на процесите што ја придвижуваат уметноста. Заедничкото изложување покажува флуидност во примарните концепти, разработка и одредено преклопување во иницијалните идеи, кои заеднички, разговорно артикулираат со крајниот восприемач.

Јане Чаловски неисцрпно ги истражува обликот или формата што често преминуваат во просторот како отворени или затворени, оставајќи отпечаток во дадениот амбиент во појава на претопување, преклопување, влегувајќи во отворен контекстуален дијалог. Просторот естетски е обмислен, имајќи го предвид линеарното течение на нарацијата, која ги следи делата поставени на линија со обоениот парапет, кој ве внесува понатаму во згусната содржина, промислувајќи ја реторички функцијата на изложбениот простор – музејот и неговата „монументалност“. Сепак, големината на делата, нивната бројност, масивност, присутност во просторот, комуникативност со волуменот во кој се поставени, колку и да се случајно ненаметливи припаѓаат во поинаков тип изложбен простор, повеќе галериски отколку музејски, со претходна подготовка (интервенција) на ѕидовите, а сѐ со намера да дојде до израз издржаноста на ликовното. Музејското пространство, монументалноста на современиот простор, повикуваат на друг тип продукција, можеби во пропорција што може да влезе во дијалог со дадениот простор.

Осврнувајќи се на теориите за отворена форма и линеарен континуиран систем, на полскиот архитект Оскар Хансен (за изгубениот музеј и неговата хипотетичка остварливост), преку изложените серии на постери (направени во соработка со германската графичка дизајнерка Ариан Спаниер), цртежи и објекти, авторите низ критички поглед и разбирање на односот кон музејот како простор што постојано треба да се провоцира и отвора кон нови интерпретации за својата улога и функција, нудат нов поглед на изложбата како онтинуиран визуелен есеј. Сосема природно и апсолутно оправдано авторите го негуваат критичкиот став кон институциите, музејот како носител и двигател на формите на еманципација во уметноста и делото како елемент на апропријација на институциите. Изложените дела меѓусебно се асимилираат заеднички носејќи приближно прозвучје на заеднички тон, палета и суптилен фон, рангирани од графики до слики и инсталации, просторни интервенции, втекстени отпечатоци на ѕидовите, создаваат на тој начин место за пресретнување со гледачот, восприемачот, кој несомнено влегува и станува дел од понудената социјална структура на ликовниот исказ.

Инсталацијата на три платна, насловена „Неизговорено“ (графит, памучен конец и текстилна боја на ленено платно) на Иваноска претставува симбиоза помеѓу духовниот, пишаниот и сликаниот израз. Инспирација за ова дело се три геометриски форми и тела (крст, триаголник и сфера), кои шведската уметница Хилма фон Клинт (1862-1944) ги користела како апстрактни симболи со духовна моќ. Поставени се во дијалог со фрагменти од молитва на кураторот и писател Себастијан Цихочки: „Нека доброто не ја исполнува формата, туку нека ја надмине, нека уметникот не биде лажен бог и нека граѓата од творби го составува нашето тело“. Хилма фон Клинт верувала дека кога ќе се постигне оваа машко-женска рамнотежа може да се напушти физичкото и да се придружиме кон ангелите. Ова дело претставува локус на целокупниот материјал изложен на оваа изложба, потпирајќи се на експлоатација на историски референци од цитираните автори Клинт и Цихочки, надоврзувајќи се интертекстуално кон понудената семантичка реторика, барајќи низ овој обновен ракопис на Иваноска – рамнотежа на машкиот и на женскиот принцип или машкиот во женскиот исказ и обратно, која иако само тука јасно наведена, лебди во просторот, во кој се распослани делата од двајцата автори, а токму тоа се прераскажува – еднаквост на родовите или авторот како ултимативно битие. Со овој призвук на заедништво и колаборативна движечка енергија во дихотомискиот исказ се одбегнуваат бинарната линеарност или различните поларитети на авторите поединечно, подведувајќи ги заедничкоста или едноста на ракописот како базичен принцип за поимање на изложените дела. „Самовилска коса“ на Иваноска повторно ја возобновува улогата на авторот како ултимативно битие, со особена инклинација или тежнеење за бришење на бариерите што традиционално ги раздвојуваат машкоста и/или женскоста во крајниот визуелен производ, традиционално присутен во резбарските дела, надоврзувајќи ја нарацијата на феминистичката теорија и политики на репрезентација, во кои скоро половина век фемнистичките авторки се обидуваат да ја неутрализираат, но не и да завладеат во еднаквоста на поимањето за уметничкото дело – како производ на едно неименувано битие.

„Компресиран минимум“ (рачно изработена синтетичка гума и метал) претставува серија од ѕидни објекти, која се обидува да ги сублимира уметничките, научните и технолошките процеси, кои Чаловски ги применува во неговата уметност.

Синтетичката гума е направена со помош на комбинација на индустриски и природни процеси во кои се додаваат хемиски елементи, пигменти и други состојки ставени во калапи од икони. Предметите се карактеризираат како икони со вградени функционални, естетски и колоритни спецификации од урбаниот простор во Скопје, кои се поврзани со неговото истражување кон процесите на идно архивирање. Ова дело говори за исклучително познавање на авторот за технолошките процеси на создавање ваков тип дело, еднакво доминантно внесувајќи ги колоритот, пигментите, естетските интервенции и географско-урбаните ентитети, постојано менувајќи го конечниот ликовен облик, кој во изминатиот период, станува препознатлив и својствен за објектите на Чаловски. Изложувачката активност на Чаловски во интернационалниот културен контекст внесува нова и свежа перспектива во домашниот полемичен израз, присутен кај скулпторите на овие простори, кои својата преформативност речиси целосно ја напуштаат скулптурата, и сосема ретко или случајно се појавуваат на македонската уметничка сцена во последната декада, како автори што со голема несигурност ја негуваат оваа, речиси на исчезнување скулпторска техника, прибегнувајќи кон нови медиуми за пренос.

Преку употреба на одредницата инсталација, термин што го премостува јазот помеѓу другите медиуми и скулптурата, Чаловски веќе во своето следно дело, артикулира повторно сосема јасно во континуитет преку материјалноста во синтетичка гума, овој пат и метал, „(Објекти) преклопено како скриено“, дело развиено и создадено за физичкиот простор на куќата на Оскар Шлемер, а нарачано за изложбата „Хаусхалтмесе 2015“. „Клупата на Муличкоски, поделена“ (метал, бетон, пигмент) е дел од серијата реплики од објекти во јавен простор со демократски потенцијал на Чаловски, а се надоврзува на просторните инсталации, полутранспарентни облици што овозможуваат флуидност и нагласок кон растечените форми. Инкорпорирајќи ги подот, ѕидот, отвореното патио, внатрешниот и надворешниот простор, во кој заеднички елемент или сврзна точка се инсталациите, ваквите концепти носат и поведуваат со себе едно поинакво значење, поставувајќи го уметникот како креатор или создавач на целосната визуелна слика. Јазикот присутен во делата на двајцата автори, особено нивната естетска преформативна компонента, ја одбележува засилената концептуална премиса наслоена врз естетичниот примарен концепт на определеност на овие дела, налагајќи подлабоко понирање во идејата што доминира во нивниот опус. Авторите со оваа изложба документираат, архивираат само еден исклучително важен сегмент или пресек во нивното обемно и посветено творештво.