Ембриони

ЛЕТНИ ФУСНОТИ (2)

Пред две вечери на ТВ оди некој англиски документарец за развојот на човековиот плод во мајчината утроба, од оплодената јајце-клетка до раѓањето.
Емисијата завршува со повеќеминутни снимки на бебиња родени во базен што брановидно итаат низ водата со делфински витлив раздвижен ’рбет. Камерата водена од искусната рака на снимателот, сигурно со нуркачка маска (со замаглено стакло од издишан воздух), се доближува до ширум отворените огромни очи на бебињата. Кој смее да каже дека овие штотуку родени бебиња се слепи? Па, за нив не постои царина, ниту виза за видот! За нас постои царина (вклучувајќи го снимателот), па затоа не ги гледаме работите, само се пренатрупуваме со нив. Премногу глупави, непотребни работи што не се исфрлаат од становите. Премногу стари, непотребни сеќавања што не се исфрлаат од главата!