Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува објавувањето на романот „Стаклената градина“ од исландската писателка Ојдур Ава Олафсдотир, од критиката прогласен за едно од книжевните откритија во Исланд. Преводот на македонски е на Мери Кицовска. За младиот Лоби, трагичната смрт на неговата мајка е пресвртна точка во животот. Нивната заедничка љубов кон одгледувањето ружи од реткиот вид Rosa candida во стаклената градина во нивниот двор ќе го инспирира да ги напушти студиите и да отпатува во далечниот антички манастир за да ѝ го врати стариот сјај на величествената, но заборавена градина што се наоѓа таму. Додека одново ја пресоздава градината под будното око на свештеникот филмофил, Лоби ќе го изненади посетата на Ана, речиси непознатата пријателка на негов пријател, со која, по една кратка авантура во градината на неговата мајка, ја има новородената ќерка Флора Сол.

Грижејќи се за градината и за малото девојче, Лоби полека ги запознава различните улоги на еден возрасен маж. „Стаклената градина“ е прекрасна приказна за искрената потрага по убавините на животот, трогателен потсетник дека секој од нас е способен да ги претвори малите нешта од секојдневниот живот во извонредни. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Ојдур Ава Олафсдотир (1958) е исландска писателка. Студирала историја на уметноста на „Сорбона“. Работи како универзитетска професорка во оваа област. Била кураторка на голем број изложби, меѓу кои и на венециското Биенале. Авторка е на пет романи, поетска книга и на четири драми. Нејзиниот стил го одликуваат свеж поглед на нештата и црн, прониклив хумор. Објавена е од 28 издавачки куќи низ светот. Добитничка е на највисоките книжевни награди на Исланд.