Изложбата „1939 – Егзил на шпанските републиканци“ како дел од истоимениот проект до крајот на јануари можеше да се погледне во познатиот владин комплекс „Ла Аргуерда де нуевос министериос“во Мадрид, Шпанија. Составена од три поставки, таа содржеше вредни архивски фотографии, слики, цртежи и скулптури на прогонуваните уметници, привлече големо внимание во медиумите и беше посочена како важен исчекор на шпанското општество во соочување со своето болно минато. Познавачите на состојбите потсетија дека пред осумдесет години, веднаш по завршувањето на Граѓанската војна, почнал масовен егзодус на републиканците, кои биле принудени во таа 1939 година и да ја напуштат Шпанија поради победата на франкистите, поддржувачите на генералот Франциско Франко. Овој масовен егзодус во историјата е познат како повлекување и токму поради тоа шпанската влада преку Министерството за правда првпат официјално им оддаде почит на луѓето за чиј прогон се молчеше. Беше истакнато дека и на овој начин се пополнуваат празнините во шпанската историја и дека така може да се дознае целосната вистина. Првата поставка за егзилот ја сочинуваа дела на прогонетите. Втората е насловена „Крвта не е вода“, со фотографии на францускиот уметник Пјер Гонор, кој на тој начин ги претстави личностите што се повлекувале во 1939 година, а кои денес живеат во Франција или, пак, нивните наследници. До фотографиите на тие луѓе тој ги запиша и нивните сведочења. Преку третата поставка, со фотографии на францускиот фоторепортер Филип Госо (1911), во Мадрид беше презентирано и повлекувањето на републиканците преку Франција.

– Уште како дете сум ги гледал тие шпански бегалци, тоа беа вредни и работливи луѓе што ја изградија мојата земја. Благодарение на нив, Франција доживеа стопански и културен процут во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, а тоа беше мојот начин да им се заблагодарам и да им оддадам почит – изјави Пјер Гонор за српскиот весник „Данас“, по повод отворањето лани во декември на изложбата „1939 – Егзил на шпанските републиканци“, која беше посочена и како прв чекор во обновување на лековитата култура на сеќавање. Запрашан, пак, што им е заедничко на луѓето што ги фотографирал, но и по писмен пат ги забележал нивните изјави, Гонор деновиве во интервју за истиот весник укажа дека тоа била љубовта.

– Љубовта кон своите семејства. Пред сѐ сите сакаа да проговорат за оние што веќе ги нема, сакаа на нив да се сетат и слободно да говорат за нив и за она што навистина им се случило за да се знае. Знаете, историчарите ја пишуваат историјата, а секое семејство ја преживеало и ја живеело сопствената историја, а мислам дека тоа е важно за целата јавност. Јас сум Французин, пред педесет и шест години сум роден во Франција, а тие луѓе сум ги гледал уште како дете. За мене беше голема чест што можев да работам со нив, низ тие средби научив многу. Тие луѓе не ги заборавија вредностите и идеалите за кои се бореа. Го зачуваа достоинството. Мислам дека успеаја да се изборат со маката. Во својата болка се достоинствени, зборуваат кој сѐ им настрадал, но не зборуваат за ужасите низ кои поминале. На пример, една од жените, која им била сѐ на своите браќа и сестри, бидејќи остатокот од семејството или исчезнал или настрадал, го барала татка си и во концентрационен логор, како и мајка ѝ, која ја прогонувал Франко. Таа како шеснаесетгодишна девојка морала да работи во бар во кој се собирале нацисти, а била ќерка на комунисти. Ми раскажа и како успеала да студира и да заврши на Сорбона. Тоа е една од приказните за хероите. Човечкото суштество во такви околности е подготвено на херојски подвизи за да преживее. Многу од нив одлично ја познаваат Шпанија, бидејќи и се враќале во неа, им помагале на многумина да пребегаат во годините на диктатура. Од друга страна, пак, е присутно испреплетување на сеќавањата и стварноста. Кога многу од прогонетите се вратиле, во Шпанија настапила демократија, а тие не говореле за она што се случувало пред тоа – изјавил меѓу другото францускиот уметник, фотографот Пјер Гонор.