Манифестот во кој европските интелектуалци оценуваат дека Европа како идеја „се распаѓа пред нашите очи“ е објавен во неколку весници, вклучувајќи ги „Гардијан“ и „Либерасион“, а го осмисли францускиот филозоф Бернар-Анри Леви, со поддршка на писатели како што се нобеловците Светлана Алексијевич, Херта Милер, Елфриде Јелинек и Орхан Памук

Група од триесетина интелектуалци, писатели и историчари упати јавен апел по повод ситуацијата во Европа, посебно поради јакнењето на национализмот и популизмот, оценувајќи дека Стариот Континент денес се соочува со предизвици какви што не се видени од 1930-тите години.
Манифестот во кој европските интелектуалци оценуваат дека Европа како идеја „се распаѓа пред нашите очи“ е објавен во неколку весници, вклучувајќи ги „Гардијан“ и „Либерасион“, а го осмисли францускиот филозоф Бернар-Анри Леви, со поддршка на писатели како што се нобеловците Светлана Алексијевич, Херта Милер, Елфриде Јелинек и Орхан Памук.

Сметајќи дека идејата за Европа е во опасност, како и дека од сите страни доаѓаат критицизам, навреди и бегство од стварните проблеми, потписниците на манифестот укажуваат на повиците дека е доста од изградбата на Европа и дека треба наместо тоа таа повторно да се поврзе со „националниот дух“ и одново да го открие „изгубениот идентитет“.
Тоа е, како што предупредија, агенда на широките популистички сили низ континентот што демагошки ги користат апстрактните термини „дух“ и „идентитет“.

– Европа ја напаѓаат лажни пророци, кои се пијани од злоба и негодуваат кога ќе добијат можност да го искористат светлото на сцената. Ја напуштија два големи сојузници што во минатиот век двапати ја спасија од самоубиство – еден е преку Каналот, а другиот преку Атлантикот. Континентот е ранлив и на сѐ посилното мешање на Кремљ. Европа како идеја се распаѓа пред нашите очи – порачуваат потписниците на апелот, меѓу кои се и Давид Гросман (Ерусалим), Исмаил Кадаре (Тирана), Ѓерѓ Конрад (Дебрецин), Милан Кундера (Прага), Људмила Улицкаја (Москва), Клаудио Магрис (Трст), Ијан Макјуан (Лондон), Адам Михник (Варшава), Салман Ружди (Лондон), Абдулах Сидран (Сараево) и Марио Варгас Љоса (Мадрид).

Во таква нездрава клима, како што наведуваат, во мај ќе се одржат европските парламентарни избори, а ако нешто не се промени и ако не се појави нов дух на отпор, овие избори ветуваат дека ќе бидат најпоразителни досега.

Според нивното мислење, изборите би можеле да им донесат победа на уривачите, а за оние што веруваат во наследството на Еразмо, Данте, Гете и Коменски, тоа ќе биде само срамен пораз.

– Политиката на презир спрема интелигенцијата и културата ќе победи. Ќе се појави експлозија на ксенофобија и антисемитизам. Катастрофа ќе ни се случи – предупредија интелектуалците, истакнувајќи дека одбиваат да се помират со катастрофата што се наѕира.

Истакнувајќи дека се гледаат себеси како европски патриоти – група што е повеќебројна одошто обично се мисли, но често е премногу тивка и резигнирана, потписниците наведуваат дека разбираат каков е влогот на масата.

– Три четвртини век по победата над фашизмот и 30 година по падот на Берлинскиот ѕид почнува нова битка за цивилизацијата – порачаа потписниците.

Тие истакнуваат дека нивната верба е заснована на големата идеја што ја наследиле и за која веруваат дека е единствената доволно силна сила што можела да ги издигне европските народи над себе самите и нивното воинствено минато. Таа идеја, како што веруваат, и денес е единствената сила што може да ги одбрани сите од новите знаци на тоталитаризмот што ја оживува старата беда на мрачните времиња.

– Она што е влог ни забранува да се откажеме. Оттука овој поттик уште еднаш да го понесеме факелот на Европа, која и покрај сите грешки, пропусти и повремени акти на кукавичлук, останува светилник за сите слободни мажи и жени на планетата. Тоа е „правец на историјата“, си велевме на себе. Мораме да направиме јасен прекин со тоа старо уверување. Немавме избор. Сега мора да се бориме за идејата Европа или само ќе гледаме како страда под бранот на популизмот – порачаа европските интелектуалци, признавајќи дека нивната генерација згрешила што сметала дека континентот ќе се обедини сам од себе, без борба или работа на тоа.

Апелот го праќаат во пресрет на европските избори, кои не сакаат да им ги препуштат на копачите на гробот на европската идеја.

– Итно мораме да заѕвониме за тревога против оние што ги палат душата и духот, од Париз до Рим, преку Барселона, Будимпешта, Дрезден, Виена и Варшава, оние што сакаат да направат клада од нашите слободи. Во овој чуден пораз на Европа што се појавува на хоризонтот, во оваа нова криза на европската совест што ветува да го урне она што нашите општества ги направило големи, чесни и просперитетни, се наоѓа предизвик поголем од кој било друг уште од 1930-тите години – предизвик на либералната демократија и нејзините вредности, порачаа потписниците на апелот, меѓу кои се и Василис Алексакис (Атина), Ен Еплбом (Варшава), Јенс Кристијан Грендал (Копенхаген), Агнес Хелер (Будимпешта), Антонио Лобо Антунес (Лисабон), Роб Риемен (Амстердам), Фернандо Саватер (Сан Себастијан), Роберто Савиано (Неапол), Еуџенио Скалфари (Рим), Сајмон Шама (Лондон), Петер Шнајдер (Берлин), Лејла Слимани (Париз), Колм Тојбин (Даблин) и Адам Загајевски (Краков).

Салман Ружди изјави за „Гардијан“ дека Европа е во најголема опасност во последните 70 години и дека сите што веруваат во европската идеја треба да се кренат на нозе.
– Во Велика Британија, се надевам дека парламентот уште има храброст да повика на втор референдум. Тоа би можело да ја спаси земјата од стравотиите на брегзит, а долгорочно и Европската Унија – изјави Ружди.

Ијан Макјуан изјави дека го потпишал манифестот бидејќи е многу песимистичен во врска со сегашниот миг, но се обидува да негува надеж.

Орхан Памук рече дека идејата за Европа е важна и за незападните земји.

– Без идејата за Европа – слободата, женските права, демократијата и еднаквоста, е тешко да се бранат во мојот дел на светот – рече турскиот нобеловец. 

Манифестот го осмисли францускиот филозоф Бернар-Анри Леви