Музејот „Лувр“ во Париз, со години најпосетуван во светот, забележа пад на бројот на посетители во 2020 година за 72 проценти поради последиците од пандемијата на коронавирусот. И покрај влегувањето во 2020 година со рекордно посетуваната изложба на Леонардо да Винчи, најпопуларниот музеј во светот, како и многу други низ целата планета, се соочи со драстичен пад на посетителите поради пандемијата.
„Лувр“ ги затвори вратите на почетокот на пандемијата минатата пролет и иако ги отвори повторно, како што се подобруваше состојбата со пандемијата, изминатата година беше една од најлошите во неговата историја во однос на посетите. „Лувр“ го посетија 2,7 милиони луѓе во 2020 година, додека во 2019 година имаше 9,6 милиони посети, пренесоа француските медиуми.
По првото затворање, „Лувр“ беше повторно отворен за јавноста во текот на летото, но бројот на посетители беше ограничен. Вкупно, тој беше затворен речиси половина година, односно беше отворен 161 ден од можните 311. Финансиската штета од падот на посетата е проценета на околу 90 милиони евра. Обично, околу една третина од посетителите на музејот се од странство, а имајќи предвид дека авионските летови се намалени и дека има драстичен пад на туризмот воопшто во главниот град на Франција, во 2020 година посетите на „Лувр“ дури 70 отсто беа од домашната публика.

Директорот на музејот, Жан-Лук Мартинез, рече дека иако празните галериски простори ги растажиле него и сите вработени, долгата историја на музејот, основан за време на Француската револуција, е потсетување дека, и покрај тешките времиња, никогаш не треба да се губи надеж дека ќе дојдат подобри денови. Падот на посетите, патем, не е толку голем колку што песимистички очекуваше Мартинез во јуни минатата година.
„Лувр“ е на врвот на листата на најпопуларни музеи, објавен од „Арт весник“, повеќе од една деценија, достигнувајќи дури 10,2 милиони посети во 2018 година.

Затоа веројатно е најголемиот губитник во годината во која музеите во голема мера беа затворени, а се очекува тој и понатаму да биде сериозно оштетен од пандемијата на ковид-19. Сепак, со 2,7 милиони посетители, сè уште е еден од најпосетуваните музеи во 2020 година, благодарение пред сѐ на изложбата „Да Винчи“, која ја посетија речиси половина милион луѓе во јануари и февруари, односно пред почетокот на пандемијата.
„Лувр“ во моментов е затворен поради карантинот во Париз. Првично планираното отворање на музејот за 7 јануари е одложено.