Завршна изложба и јавен настан по повод доделувањето на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник до 35 години во Македонија ќе се одржат вечерва, со почеток од 19 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар од Скопје.
Предвиден е разговор со членовите на жирито: Лора Рајкович, писателка и уметничка работничка, до неодамна директорка на „Квинс музејот“ во Њујорк и една од најзначајните политички уметнички работници во светот; Валентина Коча, основачка и директорка на „Зета“ – галеријата за современа визуелна уметност во Тирана; Маја Чанкуловска-Михајловска, критичарка, истражувачка и кураторка во Националната галерија на Македонија; Зорица Зафировска, визуелна уметничка и добитничка на награда „Денес“; Славица Јанешлиева, професорка на Факултетот за ликовни уметности; и финалистките Анастасија Пандиловска и Верица Ковачевска, како дел од дискурзивно-едукативната програма „Совршениот уметник“, курирана од Ивана Васева, во рамките на наградата.

Во 21 часот во галеријата на МКЦ ќе има изложба на четирите финалистки за наградата: Верица Ковачевска, Наташа Неделкова, Анастасија Пандиловска, Ивана Сиџимовска и прогласување на добитничката на наградата, која подразбира двомесечен престој во Њујорк.