Добелешка за трибунот (2)

Критичарите, од Тибоде па наваму, ја истакнуваат реторичноста како една од главните стилски одлики на Иго. Реториката е ефикасно средство што трибунот често го користи, па оттаму е блиска и до Сартровиот став во „Што е тоа литературата“: „Писателот е говорник: тој назначува, докажува, наредува, одбива, интерпелира, преколнува, навредува, убедува, инсинуира.“ Сугестијата на Сартр е очигледна: писателот треба да се ангажира. Секако, ангажираноста на трибунот е различна од онаа на хронистерикот. Дејствувањето на кажаното (напишаното) кај хронистерикот е во служба на определена партија, тој е жесток борец во првите фронтовски редови во битката за власт. Трибуновиот стратегиски обзор е многу поширок, во политичка, а и во идеолошка смисла. За него имиџот за сопствената непокорна индивидуалност е особено важен, па затоа не трпи да го присвои прегратката на власта.

Тој може да се приближи, да поддржува и храбри определено мислење, став на некое политичко здружение, но никогаш не е „партиски човек“, каков што е најчесто хронистерикот.
Трибунската ангажираност за суштинските, етички начела, за опстојот на својата национална литература, култура и јазик очекува да биде величана со високи награди и признанија и доминантно место во книжевните истории. Трибунот-писател, прифатен и од својата фела како исклучителен, авторитетно ги оценува креативните дострели на своите современици и претходници, со што ја нагласува сопствената важност во востоличувањето на националниот пантеон. Во книжевниот свет тој речиси нема соперник што може да му парира по важноста и функцијата што тој ги зазема во културниот и општествениот живот на својата татковина. Неговиот противник, ако е поединец, мора да ги оличува оние властодржни практики и структури што го предизвикуваат трибунот дирекно да им се спротивстави.
И да биде во властодржна политичка позиција, па тогаш трибунот, кој инаку се бори за правда и принципи, влегува во двобој. Така беше случајот и со
Иго, и со Сартр.

(продолжува)