Делото „Сплеш“ на Дејвид Хокни, една од неговите најкарактеристични слики со базен, е продадено за 23,1 милиони фунти (27,4 милиони евра) во аукциската куќа „Сотби“ во Лондон, и е трета највисока цена добиена за платно на овој британски уметник на аукциите. Оваа слика од 1966 година го претставува моментот веднаш откако скокачот влетал во водата на базенот и ја доловува суштината на начинот на живот во Калифорнија, каде што живее Хокни.

– Тоа не е само впечатливо платно од опусот на Хокни туку, исто така, е икона на поп-артот, која дефинира една епоха и исто така претставува визуелен идентитет на Лос Анџелес – изјави Ема Бејкер, шефицата на Одделот за современа уметност на оваа аукциска куќа.

Анонимниот купувач треба да плати осум пати повеќе од она што го платил продавачот за истата слика во 2006 година (2,9 милиони фунти).
Рекордот за слика на Хокни на аукција го држи сликата „Портрет на уметникот“, која е продадена за 90 милиони долари во 2018 година во Њујорк. Тогаш тоа била рекордно добиена цена за некој жив уметник.

Дејвид Хокни е светски познат англиски уметник, кој еднакво успешно создава дела во медиумот на сликарството, цртежот, графиката, сценографијата и фотографијата. Студирал на Уметничкиот колеџ во Брадфорд и на Кралскиот уметнички колеџ во Лондон. На почетокот од 1960-тите, во своите слики ги комбинира апстрактниот и фигуративниот израз, вклучувајќи и текстуални пораки и претстави преземени од популарната култура, што придонесува критиката често да го смета, заедно со Питер Блејк, Ричард Хамилтон и Р.Б. Китај, за еден од главните претставници и претходници на појавата на поп-артот. Но неговата уметност е сепак изразито индивидуална и ги надминува овие категоризации. Мајсторската леснотија и врвниот рафинман со кои ги слика неговите живописни и весели пејзажи и особено неговите многубројни портрети, се засновани на белешки од неговиот живот, личните односи во хомосексуалните врски, патувањата и литературните интереси. Покрај сликарството, Хокни како изразито талентиран цртач, својот израз го наоѓа и во графиката во која има создадено повеќе големи тематски серии. Користењето со фотографијата во неговите инвентивни пејзажни фотоколажи, е исто така детерминирано од неговата склоност кон цртежот и настојувањето овој механички медиум да го третира како сликарска техника.