Истражувачите веруваат дека во остатоците од потонат брод од 19 век, пронајдени близу Крим, лежат дела на славниот руски сликар Иван Ајвазовски, чии дела се продаваат за над милион долари. Парабродот „Генерал Коцебју“ потонал по судир со друг брод кај карпата Таркханкут во 1895 година, а откриен е 120 години подоцна, на длабочина од 40 метри на дното на Црно Море. Нуркачите на руската експедиција „Нептун“ ги проучиле остатоците од бродот и пронашле делови од уметнички слики меѓу остатоците од луксузниот декор. На подводното видео може да се види дека уметничките дела се прекриени со слој од кал што го крие она што се наоѓа на нив, но научниците имаат своја теорија.

– Тоа бил еден од првите бродови што поминале низ Суецкиот Канал во 1869 година, а Ајвазовски бил повикан да го наслика историскиот момент – вели Роман Дунаев, водачот на експедицијата.

Ајвазовски е познат по морските пејзажи, често им давал скици дури и готови слики на посадите на бродовите на кои патувал. Враќањето на сликите на површината е сопрено поради страв да не се оштетат а ќе продолжи во јуни – најавува експедицијата. Некои од сликите би можело да се добро сочувани, бидејќи калта е добар конзерватор, велат експертите, но за да се востанови реалната состојба калта мора да се тргне.

Ајвазовски е еден од најпознатите руски уметници на 19 век. Исто така е и еден од најплодните, бидејќи во текот на 60-годишната кариера насликал повеќе од 6.000 дела. Неговите морски пејзажи и сцени од битки се изложени низ светот, а нивната вредност постепено расте на аукциите. Така, делото „Поглед на Константинопол и Босфор“ во 2012 година е продадено за 5,2 милиони долари, а многу други негови слики постигнале цена над милион долари.