Викендов Лас Вегас накратко беше претворен во неверојатна уметничка дестинација, на која на аукција меѓу другото беа продадени 11 слики на шпанскиот сликар Пабло Пикасо, за повеќе од 100 милиони долари.
Аукцијата на „Сотби“ се одржа во хотелот „Белаџио“ во Лас Вегас, каде што сликите беа изложени со години, а таа беше одржана два дена пред 140-от роденден на шпанскиот уметник, кој е роден на 25 октомври.
Пет од сликите висеа на ѕидовите на луксузниот ресторан „Пикасо“ во хотелот „Белаџио“, а сега во ресторанот ќе бидат изложени други 12 дела на Пикасо.
Највисоката цена била постигната за сликата од 1938 година на љубовницата и муза на Пикасо, Марија Тереза Волтер, „Жената со црвено-портокалова беретка“, која била продадена за 40,5 милиони долари, што е за околу 10 милиони долари повеќе од процената пред продажбата.
Големите портрети на „Човек и дете“ и „Биста на маж“ се продадени за 24,4 милиони долари, односно 9,5 милиони долари, додека, пак, едно од помалите дела во керамика, „Ручек на трева“, е продадено за 2,1 милиони долари, што е за три-четири пати повеќе од очекуваната сума.