Музејот на современа уметност во Белград со полна пареа во новата сезона, умно ги употребува расположливите релации преку институтот „Гете“ за остварување надворешнополитички односи со влијателни политички субјекти

Натали Рајчиновска Павлеска, специјално за „Нова Македонија“ од Белград

Веќе е познато дека по долгогодишната пауза, МСУ-Белград одново започна да работи, минатата година со отворање на изложбата „Секвенци“, градејќи трајна поставка со дела од колекцијата на музејот. Соработката помеѓу белградскиот МСУ и ИФА-Германија, укажува на можните сојузи на државите и успешните институционални политики. Овој пат кустоси се Матијас Флиге и Матијас Винцен, современици на помладата генерација на автори застапени на изложбата „На пат околу светот, уметност од Германија, дела од колекцијата на Институтот за меѓународни односи и култура (ИФА) од 1949-та до денес“.

Волс, Волф Востел, Сигмар Полке, Евлад Матаре, Нам Џун Пајк, Герхард Рихтер, Јозеф Бојс, се само неколку од имињата застапени во оваа изложба. Колекцијата е распоредена хронолошки, со внимателна групираност на сродни или последователно стилски изрази, медиумски градации или генерички премини, до типови комуникативни дела, одвоени со партиции во посебни простории, звучно и физички изолирани. Она пред што навистина запира погледот се беспрекорните техники на изведба на делата, концептот или идејата на авторот доаѓаат во втор план, бидејќи совршеноста и материјализацијата преку разни медиуми, од фотографија, туш, акварел, креда, масло на платно, хартиени композиции, инсталации, сито-печат, до конструирани микромашини за мобилни инсталации, ја покажуваат посветеноста на авторите за бескомпромисна изведба на сопствените замисли и идеи.

Речиси бесмислено е да се набројуваат или да се селектираат автори и дела застапени на оваа изложба, бидејќи станува збор за култни имиња што ги поттикнаа основните современи струења на концептуалната уметност, повоената уметност помеѓу реализмот и апстракцијата, поп-артот, Флуксус и пошироко.

Неколку ретки примероци од раното творештво на Јозеф Бојс, се сведоштво за зачетоците на социјалната скулптура, информативни материјали што сведочат за авторската посветеност преку академските обиди за надминување на партиската диктатура, примероци од садовите во кои се изведени експериментални хемиски опити, како и некои од конструираните шамански помагала и симболички предмети. Станува збор за ретка збирка на интимни предмети, меѓу кои и дел од едицијата „Не знам за викенд“, инсталација составена од книгата на Имануел Кант, „Критика на чистиот ум“ и шише од „Маги сос“. Плакатите „Планови I-XXX“, поставени на оградата на горниот кат на музејот, на Томас Шите, претставуваат критика на апстрактната спокојност на минималистичката уметност, слика на страв од заборав за вината поради холокаустот, која е сѐ уште присутна, неспокојството што престојува помеѓу реченото и неизреченото, видливото и невидливото.

Корин Вазмут

Скулптуралното дело во техника – изограф на хартија на Катарина Хинзберг е единствено од ваков вид интервентно дело во простор, уникатна медиумска единица во која се вкрстени повеќе базични, но доминантни и впечатливи, естетски компоненти. Импозантно изгледа експресивното дело „Укбар II“ на берлинската уметница Корин Вазмут, масло на дрво во пастелна гама. Вазмут е позната по своите слики со големи формати на кои врз фотографска композиција на дрвена површина врши интервенција, делумно бришејќи фрагменти од основната нарација, со широк експресивен гест на отстранување слоеви од боја, оставајќи само онолку колку што е потребно да се постигне илуминативен ефект или насетување на она што е како примарен слој нанесено.

Институтот за меѓународни односи во културата (ИФА) е важен носител на германската култура и едукативна политика низ светот, како организација фокусирана на меѓународни дијалози и размена на уметничка продукција. Изложбите што организацијата ги уредува повеќе од шеесет години се под покровителство на Министерството за надворешни работи на Германија, откупувајќи дела посебно за секоја изложба. Збирката содржи повеќе од 23 илјади дела и опфаќа значаен дел од историјата на современата германска уметност во периодот од 20 и 21 век, моментално застапувајќи повеќе од 200 уметници, игра важна улога на промотор на уметноста. Според институтот, на културата не се гледа како на третиот столб на надворешните политики, заедно со дипломатијата, политиката за безбедност и трговија, туку таа претставува камен-темелник на надворешната политика. Уметноста може да оствари релации што политиката не може, ги надминува јазичните бариери, остварувајќи нови искуства со кои се преобликува заедничкиот простор што го делат државите, креирајќи нови перспективи во тие релации.

Кураторите на оваа изложба Флиге и Венцен имаат голема визија за објективна презентација на дискурсите што се постојано во движење, за нивната репрезентативна иманентност и функција, преку пристап што ги конструира можните начини за современа реализација на еден архивски материјал. Делата застапени на оваа изложба веќе имаат свое место во историјата на рецепцијата, но и покрај тоа добиваат ново место во дадениот контекст, преку тематски и медиумски асемблажи и групирања. Поставката е приспособена на дадениот музејски простор, со вешт премин од една кон друга периодика, со што е постигнато линеарно течение на основната тематска точка на интерес, имено тоа е и големиот успех на една изложба, да одговори на новите критериуми што секој нов дискурс посебно ги наложува.

Впечатлив е приодот кон фотографијата, која од педесеттите години развива автономен правец во уметноста, но сепак како комуникативен медиум ги одржува односите со другите уметнички практики, одржувајќи константна врска помеѓу светот на уметноста и политичките теми. Неколку претставници на Хамбуршката школа за ликовни уметности се застапени на оваа изложба меѓу кои Франц Ерхард Волтер и неговиот ученик Петар Пилер – застапен со дел од „Архивата“ на репортажни фотографии. „Гледајќи во дупка“ е серија од пигментни отпечатоци со еднаков формат во црно-бела техника, типолошки групирани на основа на повторување на идентични ситуации. Композицијата на основните единици влијае врз целокупната перцепција како ново, интервентно дело, независно од формалните и тематски содржини. Личното патување на авторот, она што Валтер Бенјамин во „Оптичко несвесно“ го пишува, значи евидентно задржување пред она што значи трансформација, мал отклон, разлика, помеѓу отсликаното и она што е видливо во објективот на фотоапаратот.

На оваа изложба, забележителен е целосниот потенцијал на фотографијата кај авторката Барбара Клем, која ги документира масовните демонстрации во Источен Берлин на 4 ноември, пет дена пред падот на Берлинскиот ѕид. Нејзините фотографии станаа икони на германската авторска фотографија, по фотографирањето на братскиот бакнеж меѓу Брежњеев и Хонекер. Особено се впечатливи шесте фотографии во боја во техниката илфохром, документираниот видеоперформанс „Тонови на лотосовата пупкa“ на Улрике Розенбах, феминистка, претставничка на Диселдорфската академија во време кога Јозеф Бојс предава на мастер-студии. Уште еден од претставниците на Диселдорфската академија е К.О. Гец, една од позначајните фигури на енформелот и акциското сликарство. Едно од неодминливите дела е она на Волф Востел, еден од коосновачите на Флуксус и творец на концептот деколаж, „Литванското пијано – Омаж на Мекјунас“ е инсталација составена од куфери, отсликано пијано, касетофон, колички од самопослуга и сл. Снажната слоевита структура на боја нанесена на маслените слики од голем формат на Герхард Рихтер е контрапост на фотоасамблажот, апстракција на медиумските можности. Неговата способност да „отслика и одбрише“ вибрантни наноси и слоеви на масло е исто толку присутна и во неговите умножени офсет-фотографии. Суптилниот сензибилитет и симбол на женската уметничка природа кај Ребека Хорн, конвенционално реторички поминува низ женското тело во чаура, преку мобилните протези суштински за ликовниот израз на Хорн.

Патувајќи низ индивидуалните искуства на авторите од повоениот период што неуморно ги исцрпуваат медиумите, погледот запира и се одмора пред делото на Евалд Матаре, тука е вграден чистиот формализам, затворената форма, контурните силуети и плошни претстави на животни низ цртеж и дрворез. И покрај тоа што овој автор можеби стилски најмногу се оддалечува од другите, поставката е внимателно конструирана, на начин што ветува паузи, забрзани преоди, ненадејни и неочекувани уметнички средби.

Дело на Ребека Хорн