Во организација на издавачката куќа „Бегемот“, во кафе-книжарницата „Буква“, започна петтото издание на фестивалот „Артерија/АртАреа“, кој цели кон воспоставување жива платформа за поврзување меѓу авторите во различните културни домени и тенденции, спојувајќи ги во богата културна програма за време на шест фестивалски дена. Ќе се одржат девет книжевни промоции, почнувајќи од промоцијата на „Утрото на бессоните“ од Андреј Ал-Асади, а потоа ќе следува промоцијата на постхумното издание на книгата есеи „Интелектуалци, политика, култура“ од скопската легенда Данило Коцевски денеска, на книгата „Во кратки црти“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска, на книгата за деца од Мирко Попов (текст) и Нита Муча (илустрации), на збирката раскази „Престапни години“ од Оливера Ќорвезироска, „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли.
Првпат на фестивалот ќе има гостување на некои од најважните современи автори во регионов, Миљенко Јерговиќ и Алек Попов. Ќе бидат промовирани новите преводи на нивните книги „Иншала, Мадона, иншала“ и „Митологија на транзицијата“. Ова издание на фестивалот, исто така првпат, ќе му даде фокус на стрипот како медиум, по тој повод ќе се одржи промоција на книгата „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли на последниот фестивалски ден (19 септември), кога целиот ден ќе му биде посветен на стрипот со одржувањето мала продажна изложба на стрипови, стрип-работилница, а сето тоа ќе биде проследено и со изложба на стрип-табли од македонски стрип-автори, додека вечерта ќе биде затворена со два кратки анимирани филмови од македонски автори.