За да ја разбереме самата идеја на мадридското движење (Ла мовида), треба да ја знаеме шпанската историја. По крајот на диктатурата на Франко, Шпанија остана во калапот во кој тој ја смести. Неговата целосна цензура ги остави граѓаните на оваа тропска земја во вечна и безбојна зима, во која тие целосно заборавија што е слобода на мислење и изразување. Заедно со црквата, тој се обиде да ја „зачува“ традиционалната улога на семејството, наметна целосна цензура на печатот и воведе контрола во сите државни (и социјални) институции. Дури и по неговото владеење, кога демократијата започна да закрепнува, не беше лесно за шпанскиот народ да се „ресетира“.
Токму за да ги разбудат своите сограѓани од зимскиот сон во кој западнаа по триесет години фашистичка диктатура, група уметници го основаа мадридското движење, кое сакаше целосно да го оживее не само Мадрид туку и целата шпанска културна сцена. Тие го обоија градот со своите слики, музика и снимки, но по многу години тиранија, не можеше ни секој да го сфати концептот на уметноста. Но уметноста успеа да ја пронајде златната нишка што ги поврзува револуцијата и ренесансата.
Движењето беше главно насочено кон областа Маласања во Мадрид, која тие на шега ја нарекоа Независна Република Маласања. Младите мадриѓани започнаа да се собираат на локални места, каде што организираа концерти во живо и диџеј-сетови, а тоа беа единствените места во Шпанија каде што можеше да се слушнат нови песни од современата музика. На истите простори, тие изложуваа слики и проектираа кратки филмови, а движењето сѐ повеќе почнуваше да личи на „Британскиот нов бран“ во Англија и „Ноје дојче веле“ во Германија.

Основани се независни музички куќи за новата музика да стигне до што повеќе слушатели, а имаше и сленг наречен чели, кој го користеа членовите на движењето во 1980-тите години во Мадрид. На пример, зборот „дабути“ означуваше нешто што е кул.
Панк и рок-жанровите имаа главно влијание врз ова револуционерно движење. Еден од претставниците е Сервандо Карбалар, кој за себе велел дека е анархист. Тој основал една од првите независни музички куќи во Шпанија во 1982 година, која претставувала повеќе од половина од музичарите што биле дел од движењето, почнувајќи од неговата група „Авиадор Дро“. Во време кога шпанската цивилна гарда упаѓала на секој собир на кој имало повеќе од триста луѓе и ги апсела сите чија облека, шминка или фризура излегувале од традиционалните рамки, бендот се појави во заштитна облека и со футуристички очила на својот прв настап. Тие пееја за иднината на апстрактен начин, а властите неколкупати упаднаа на нивните свирки. Сепак, во тоа време, советот беше предводен од Енрике Тиерно Галван, кој беше познат по својата сестраност, особено кога станува збор за културата.
– Нека е благословен хаосот. Тој е симбол на слободата – изјавил во една пригода.
Овој хаос беше пренесен во другите сфери на уметноста, како што се модата, фотографијата, сликарството, кинематографијата, стриповите, муралите, кои целосно го оживеаја овој мал град и со своите пораки го разбија квазиморалното општество.
Еден од најистакнатите претставници на движењето дефинитивно е режисерот Педро Алмодовар. Неговите први дела го претставуваат токму мадридското движење. Филмовите како „Што направив за да го заслужам ова“ и „Пепи, Луси, Бом“ ги криеја пораките на културната револуција во нивните кадри.

Првпат се зборува за луѓе од маргините, проститутки, хомосексуалци, транссексуалци, па дури и педофили. Колку повеќе ја шокираше публиката, Алмодовар толку беше посреќен, бидејќи сметаше дека тоа е единствениот начин да се разбие калапот. Личната приказна на Алмодовар раскажува сè што претставува мадридското движење. Имено, тој отишол во големиот град како момче и решил да го замени своето религиозно образование со сексуално и да ја искористи секоја можност да се изрази креативно.
– Ние не бевме уметничко движење, бевме група со специфична идеологија – присетува шпанскиот режисер.
Влијанието на „Ла мовида“ сè уште се чувствува на улиците на Мадрид, како и во театарот, уметноста, музиката и филмовите. Округот Маласања сè уште има револуционерна атмосфера што зрачи од бетонот, кој по оваа културна револуција изгледа секако освен сиво.