Со линорезот со наслов „Гласот на тишината“, графичарот и сликар Срѓан Миќиќ овој месец учествуваше на изложба во Непал, а лани и покрај пандемијата се претстави и на изложби во Португалија, Турција и во Србија. „Овој период на групна изолација и генерална промена, веројатно, придонесува во конечното дефинирање на виртуелната и дигитална култура. Откако мобилните телефони, односно преносните компјутери, станаа реалност и секојдневие, онлајн изложбите станаа логично продолжување на новата дигитална консумерска култура на споделување информации“, смета Миќиќ

Срѓан Миќиќ, уметник

Уметникот Срѓан Миќиќ своите академски знаења за графиката и сликарството ги стекнал на Белоруската академија на уметностите во Минск и на Националната уметничка академија во Софија. Работи како професор на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот балкански универзитет во Скопје каде што и живее. На самостојни изложби тој се претставил во Македонија, Бугарија, САД и во Турција, а учествувал и на повеќе групни изложби и во други земји од светот. Добитник е на наградата за Екслибрис, (2014), на меѓународното биенале Екслибрис, Отвореното графичко студио, Музејот на град Скопје; на наградата „Златна четка“ (2013), „Миниартура“, ДЛУМ, НЛБ, Скопје, како и на Наградата за млад уметник (2006), на Битолското графичко триенале.

Во овој временски период кога изолацијата и дигиталната комуникација се секојдневие, некои од уметниците, каде што спаѓате и вие, го користат интернетот за да учествуваат на виртуелни изложби, но и да информираат каде се одржуваат тие. Во текот на март вие учествувавте на меѓународна групна изложба во Непал. Со какво дело и за каква изложба станува збор?
– Изложбата во Непал е дел од 44 изложби, од кои голем дел се веќе реализирани во различни делови од светот. Станува збор за меѓународна програма за размена на графики ИПЕП, Индија, организирана од Раџеш Пулминар од Мумбај, Индија.

Куратор на проектот насловен „Глас за гласот“ беше Сомедутта Малик. Тоа е селекција од 44 автори што прават размена на графики изработени со еднакви димензии на дадена тема. Сите учесници имаат обврска да организираат изложба со добиените графички мапи. Јас учествував со линорез насловен „Гласот на тишината“. За жал, се случи тоа што се случи со светот и голем дел од планираните изложби се одложија за подобри денови, вклучувајќи ја и изложбата планирана во Скопје. И за разлика од повеќето меѓународни организации последнава година, изложбата во Непал беше галериска, со можност за физичко присуство.

Лани сте изложувале во Португалија, Турција и во Србија, а неодамна, пак, од Русија, добивте каталог по пошта од Уралското меѓународно триенале на печатена графика кадешто, пак, сте учествувале во 2019 година. Какви ви се искуствата од овие презентации, што бараа организаторите од уметниците, со што се претставивте?
– Една од предностите на графиката е што изложувањето во разни страни од светот е поедноставен и изводлив процес. Треба да се спакува графиката и да се прати по пошта со назнака за печатен материјал. Се разбира, пред да се прати графиката треба да се помине селекција на основа на фоторепродукција од жири-комисија, составена од професионалци од областа. Графичкото триенале во Урал е едно од меѓународните организации на кои учествуваат професионалци од областа и како такво претставува предизвик за секој графичар, вклучувајќи ме и мене. Одвреме-навреме учествувам на меѓународни изложби за графика, веројатно поретко отколку што би сакал.
Што се однесува до Турција, тоа беше изложба организирана од нашиот Факултет за уметност и дизајн и поддржана од Министерството за култура на Македонија. На изложбата во Истанбул, во галеријата „Фуљарт санат еви“, се претставивме јас и колешката Александра Петрушевска Ристовска, со серија слики и графики под заеднички наслов „Зборови и архи-текстури“. Изложбата во Србија, пак, беше во градската галерија во Нови Пазар и на неа учествував со слики изработени на симпозиумот на кој учествував, а кој беше организиран од галеријата и поддржан од Градот.

Што претставува за вас „новата реалност“ што ја живееме повеќе од една година, ви влијае ли на процесот на создавање и презентација на делата?
– Овој период на групна изолација и генерална промена, веројатно придонесува во конечното дефинирање на виртуелната и дигитална култура. Откако мобилните телефони, односно преносните компјутери, станаа реалност и секојдневие, онлајн изложбите станаа логично продолжување на новата дигитална консумерска култура на споделување информации. Бидејќи уметноста, консумирана, а нè контемплирана, се сведува на дигитално распространета информација чија релативизирана улога нема повеќе влијание од кратките јутјуб-видеа со домашни миленичиња. Засега, мене ми изгледа дека виртуелните изложби сè уште го немаат најдено панданот на физичките презентации. Не станува збор за замена на физичката присутност со виртуелната, тоа веќе се случува. Станува збор за технологии што се во подем, но сè уште не се доволно развиени за да формираат реалност што ќе може да го исполни недостигот од транзициските обиди за глобална цивилизациска реформа. Инстант доживувањето на уметноста што е сведена на чисто визуелна информација би требало да доведе до промени што ќе се одразат и што се одразуваат на самите автори, а со тоа и на нивнoто творештво.

Сликате, создавате и графики по кои сте препознатливи, но што друго ве преокупира како автор во овој период на актуелна пандемија на коронавирусот?
– Што се однесува до творечкиот ритам, не би можел да направам разлика помеѓу сегашните околности и пред тоа. Кога се заситувам од графика преоѓам на сликање или цртам. Има периоди кога се вовлекувам во илустрација и работам со дигитални медиуми. Скулптурата ми е, исто така, предизвик и поретко, но со ентузијазам, знам да поминам месеци со некоја фигура. Влијанието на коронавирусот е неоспорно, но самата изолација е дел од творечкиот процес и не е нешто непознато за оние што се занимаваат со уметност, наука и воопшто со креативна или истражувачка дејност. Периодов навистина можам повеќе да се посветам на тоа што го сакам, принудно или не, сите ние треба да се приспособиме на новата реалност како знаеме и умееме. За мене тоа значи повеќе работа, а помалку шетање.

Ваши дела се објавуваат и во изданијата на „Словокулт“, заедно со литературни и ликовни дела од меѓународни автори, а со оглед дека академските знаења за графиката и сликарството ги имате стекнато на Белоруската академија на уметностите во Минск и на Националната уметничка академија во Софија, претпоставувам дека комуникацијата со меѓународната културна сцена не ви претставува поголем проблем?
– За соработката со „Словокулт“ е одговорна Дијана Томиќ Радевска, која има улога на кураторка во интересен проект што вклучува литературни и ликовни дела и автори од меѓународна сцена. Комуникацијата и размената на информациите се веројатно најважните добивки на нашето технолошки напредно општество и благодарение на нив можам да ги следам колегите од студентските денови и да бидам во контакт со нив. Секојдневието и без вирусот не ни дозволува професионален контакт со колеги од областа. Интернетот е неизбежна и основна алатка што во периодов на промени е особено неопходна во сите области, не само во уметноста.

Што им советувате на вашите студенти од Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот балкански универзитет, на кој начин да се градат себеси како препознатливи автори во овој брз, дигитализиран свет што е сѐ побогат со важни и неважни информации?
– Веројатно, сублимат на моите совети и сугестии насочени кон студентите е целосно и безрезервно да се препуштат на професијата што ја одбрале. До степен да станат зависни од неа. Да биде нивниот светоглед и идеал. И покрај тоа што звучи како крајна сугестија, верувам дека уметноста во својата суштина е апстрактна и нејзината смисла е онаа што ние ќе ѝ ја дадеме. Да се занимаваш со уметност професионално е повеќе од дневна работа. Тоа е избор, начин на живот и, пред сè, љубов.