Ана Алексовска , Анжелика Апсис

Ги набљудувам повеќе од 30 години, невозможно е да не ги забележите. Тие секогаш се тука, секогаш точно навреме. Тивки се и внимаваат да не ви се испречат на патот. Тие не знаат ниту еден наслов на шпански и турски серии, ама затоа ги знаат сите наши уметници, писатели, режисери, го цитираат Горан Стефановски. Тоа е публика што никогаш не потфрлила, вели Анжелика Апсис, сценаристката на документарецот „Господата од современа“, за „главните ликови“ во филмот

Ана Алексовска и Анжелика Апсис, авторки на „Господата од современа“

Документарниот краток филм „Господата од современа“, во режија на Ана Алексовска, во продукција на „Лист продукција“, стана дел од селекцијата на годинашното издание на програмата „Д чејнџинг фејс оф Јуроп“, иницијатива на Европска филмска промоција, во соработка со канадскиот фестивал „Хот докс“. Снимен според сценарио на Анжелика Апсис, „Господата од современа“ е еден од десетте европски документарни филмови што ќе бидат претставени пред дистрибутерите и програмерите преку учеството во „Док шоп“, виртуелен маркет на „Хот докс“. Оваа година селекцијата повторно бележи зголемено присуство на жени автори, дури седум од десетте филма се од жени автори или од тимови од жени автори, меѓу кои и македонскиот „Господата од современа“.
Една банда постари дами и господа секојдневно уживаат во културните настани во Скопје – изложби, концерти, поетски читања и промоции, каде што се служи бесплатна храна и понекоја чаша вино. Овие луѓе редовно комуницираат меѓусебно и заедно прават распоред за настаните во претстојниот ден. Кога општествениот прекор се претвора во закана за нивната забава, тие сфаќаат дека она што го прават им значи повеќе од што си мислеле… Ова е накратко содржината на овој необичен филм.

Овој филм го привлече вниманието на домашната публика откако премиерно беше прикажан на ланскиот „Македокс“, а деновиве беше и селектиран на годинешното издание на „Д чејнџинг фејс оф Јуроп“. Колку ви значи овој успех?
Ана: „Македокс“ беше огромна поддршка за нас. Имаме фестивал што грижливо ги чува младите автори и внимава да ги одржи на вистинскиот пат. Она што за мене е највредно се разговорите со публиката по проекциите, нешто што траеше со часови по премиерата на самото плато пред „Куршумли-ан“. За жал, поради кризата со коронавирусот, нема да ја имаме можноста да се соочиме со канадската и меѓународната публика. Но, сепак, со влезот во оваа селекција филмот доби видливост, медиумскиот и фестивалски интерес порасна, а се отворија и многу опции за нашите наредни проекти.

Филмот следи група постари дами и господа што секојдневно уживаат во културните настани во Скопје, каде што се служи бесплатна храна и пијалаци. Но нивната организирана дружба не е добредојдена во светот на уметничката елита. Во кој момент и како се роди идејата за овој филм?
Анжелика: Ги набљудувам повеќе од 30 години, невозможно е да не ги забележите. Тие секогаш се тука, секогаш точно навреме. Тивки се и внимаваат да не ви се испречат на патот. Тие не знаат ниту еден наслов на шпански и турски серии, ама затоа ги знаат сите наши уметници, писатели, режисери, го цитираат Горан Стефановски. Тоа е публика што никогаш не потфрлила. Тие се љубопитни како деца, не доаѓаат за виното и коктелот, за петте, десетте чаши вино. Колку и да се. Зарем секој од нас не го прави тоа? Некогаш „културната елита“ не осудуваше, напротив, беше многу солидарна и дружељубива. Ако барем малку го знаете пулсот на градот, ќе сфатите колку се значајни овие луѓе. Тие се најголемите борци за човекови права. Точно знаат дека уметноста не му припаѓа никому и му припаѓа секому. Тие секој ден излегуваат од дома, посреќни од сите нас, се втурнуваат во ноќта, слободни и свои. Тиe се авантуристи. Тоа го прават речиси 30 години, без престан. Секоја вечер се дружат, се смеат, но и секоја вечер се борат со нашите осуди и навреди, затоа што знаат дека се во право. Еден нивен двобој пред вратите на еден од нашите музеи, тој нивен пркос толку ме освои. Веднаш отидов дома и ја напишав првата страница, со наслов „Господата од современа“.
Ана: Тој период имав навика секој ден на пат кон дома да навратам до МКЦ, КИЦ или некој од музеите. Тоа симпатично друштво, кое не пропушта настан, од каков и да е вид и во секакви услови, ми стана поинтересно од самите настани. Наскоро, преку продуцентката Марија Димитрова, се запознав и со Анжелика, која веќе некое време сакала да создаде тим што ќе ја реализира оваа идеја. Брзо кликнавме и почнавме со работа.

„Господата од современа“ отвора чувствителна тема. Публиката има можност да посведочи на еден малку поинаков начин на живеење, дружење и размислување. Дали ова искуство ви помогна да извлечете некаква поука?
Анжелика: Во светот постојат големи војни, тие што ги гледаме на вестите, на големите мапи. И мали војни, кои ги водиме во себе, кога доаѓаме дома, за кои никогаш не зборуваме. Овој филм зборува за малите војни на овие храбри луѓе. Тие се луѓе што живеат на маргините. Тие влегуваат во еден друг свет за да го почувствуваат. Да го надминат светот од кој доаѓаат. Но наидуваат на дискриминаторски однос од страна на околината и тука се гледа односот на општеството кон тие што живеат во други услови, кои имаат друга, поинаква култура. „Уметничката елита“, а тоа сме сите ние, наместо да ги прифатиме, уште еднаш им покажуваме дека немаат право на овој свет. Тоа што сакаат тие да ни го кажат е дека да може ова општество да се види во огледало, би се исплашило од себе. Ова е еден отрезнувачки момент за сите нас. Мораме да ги прифаќаме и оние што се различни, поинакви. Оние што живеат во некој друг, поинаков свет и се судираат со проблеми од егзистенцијална природа. Мораме да имаме сочувство кон секого. Поради сочувството, сѐ уште постоиме и ние и целиот животински свет. И оваа најтешка криза на човештвото, со која се бориме во моментов, токму тоа чувство го бара од нас.

Колку долго траеше снимањето на филмот и како се одвиваше процесот, со какви предизвици се соочивте во текот на снимањето?
Ана: Оној што ќе се нафати на работа на документарен филм мора да е подготвен да ја издржи неизвесноста. Снимачкиот процес бара насочување на приказната, но мора да постојат граници на почит на интегритетот на главните ликови. Се стремевме никако да не влијаеме на нивните одлуки, а тоа им даде огромна слобода за време на снимањето. Дури и слобода да не се појават на договореното место и време. Но токму поради тоа се случија и одлични и природни сцени. Односот автор – социјален актер е близок, интимен и бара исклучителна доверба. Поради тоа снимањето траеше речиси две години. Отпрвин се запознававме, потоа ја елабориравме заедно потребата од оваа приказна, а на крајот веќе и заедно создававме ситуации. И токму поради должината на снимањето се роди потребата од повеќе сниматели, кога еден не можеше да дојде, покриваше другиот. Стилски тоа се виде во материјалот. Сепак сметам дека тоа умно го искористивме при монтажата, за филмот да успее да ги прикаже двете страни од паричката, и објективната и онаа топлата, полна разбирање и емпатија. Она што го научив во текот на ова снимање е дека за авторот е најважно да се опкружи со луѓе што имаат доверба во него, материјалот и приказната.

Ова не е ваш прв филм. Дали можеби постои одредена тематика што најмногу ве привлекува? Каде ја наоѓате најчесто вашата инспирација?
Анжелика: Секогаш сакам нешто поинакво. Различно. Инспирацијата никогаш не знам каде е и кога ќе дојде, ама ја сакам како дивата шума ветрот.
Ана: Отсекогаш пишував сценарија за миговите на реализација на некоја вистина и во согласност со тоа носење нова одлука. Додека студирав, бев заљубена во фикцијата, но сега многу ме привлекоа документарните филмови. Претпоставувам, затоа што во нив вистината е неизбежна.

Што е следното што можеме да го очекуваме од вас?
Ана: Со Владимир Димоски, еден од снимателите на „Господата од современа“, работиме на развој на две документарни сценарија. Во моментов сме во претпродукција и во обид да обезбедиме финансии. Едната од нив е општествено ангажирана приказна и ќе се занимава со анализа на тукашниот покорлив менталитет. Всушност, ова е филм што почнав да го снимам уште во 2013 година, но поради бурните настани во земјава прекинав, стравувајќи дека може да залутам во новинарски приказ на реалноста. Од сегашна перспектива, драматуршката линија е многу појасна и сите тие настани станаа метафора за нешто поголемо.