Даут Даути: „Сватови на песната“ – Скопје, „Матица македонска“, 2021 г.; Исмаил Кадаре: „Залез на степските богови“ – Париз, „Фајард“, 1981 г., прво издание на албански во 1978 г.

Рецензија

Втората песна од циклусот „Време и немир“ на писателот Д. Даути се вика „Децата на социјализмот“. Авторот на книгата „Сватови на песната“ не се колеба да посочи, се разбира на еден дискретен, лирски (а тоа значи, во најмала рака, заобикoлен, шифриран) начин, барем некои од тие „деца на социјализмот“ што спаѓаат во самиот врв на модерната албанска уметничка литература. Такви се, на пример, Исмаил Кадаре, Дритеро Аголи и Фатос Арапи.
Tој избор е (како и секој, впрочем) по себеси сигнификантен. Тој ви вели на свој начин дека кога толку славни и звучни имиња на еден народ од работ на модерна Европа нашле начин како да се „разберат“ со еден ни оддалеку праведен политички ред и поредок, зошто да постапува поинаку (да си ја бара бељата со кандилце!) простиот и неук свет, оној свет за кој истиот тој ред и поредок го употребува името „широки народни маси?“
Во времето на озлогласената диктатура на Енвер Оџа, сакале или не, сите тие звучни уметнички фигури ѝ давале легитимитет (за да извлечат, за возврат, дебели дивиденди во облик на крупни привилегии?) на таа диктатура со простиот факт што не мрднале со мало прсте против свирепите злости и пакости на еден „црвен паша“ (метафора на Кадаре) за, „на крајот од баладата“ (чест израз на Даути), во погоден момент, кога не постои сериозна опасност по нивниот удобен живот и дело, да „превртат ќурк“ (израз на Кадаре од романот „Залез…“) и да застанат на страната на правдата и слободата: „Исмаил Кадаре во деновите кога беше инспирирана оваа песна“, вели во кратка белешка писателот Д. Даути, „пребегна во Франција и со тоа го забрза паѓањето на комунистичкиот режим.“
Како и колку или, уште подобро, дали навистина некој писател забрзал пад на комунистички режим со самото тоа што, ете, „пребегнал“ во друга земја, останува допрва да се проверува и докажува по емпириски пат. Независно од исходот на таа проверка, останува сепак да важи вистината на авторот на песната за која тука станува збор. Останува, затоа што една е вистината на уметнички текст (проза или поезија), а друга на – научен. Првата не подлежи на тестот вистинитост. Втората – подлежи.

Да се именуваат тројца видни писатели на актуелната, модерна албанска литература (од кои првиот, Кадаре, важи за еден од најголемите живи писатели на денешниот свет) за „деца на социјализмот,“ тоа значи и да се осудат по еден особен начин. Иако таа осуда писателот Д. Даути ја релативизира. Тој го прави токму тоа кога дискретно нагласува дека едно (Кадаре) од тие славни „деца на социјализмот“ сторило и нешто корисно и конкретно („го забрза паѓањето на комунистичкиот режим“) против еден озлогласен политички ред и поредок, кој славната формула на марксистичката доктрина „слободата на единката е услов за слобода на сите“ ја замени со јакобинската „нема слобода за непријателите на слободата.“ Таа замена, како што се знае, теоретски ја изложи и образложи водачот на „великата“ Октомвриска револуција, Владимир Илич Ленин. Замената доведе до тоа слободата (волунтаризам) да се ограничи првин на мала одбрана политичка елита и, во таа елита, на еден човек (водачот на елита), кој стана тврд или мек диктатор. Се потврди, по таков начин и којзнае по кој пат, поучната духовита изрека: „патот до пеколот е поплочен со добри намери.“
На песната „Деца на социјализмот“ ѝ претходи една друга, која носи наслов „Миѓени во Тирана.“ Веќе почетните стихови на таа песна: „За да се сретнам со Кадаре, Аголи, Арапи/ Се справувам со чекањето, трпението, границите на времето/ И го наоѓам Миѓени/ На плоштадот Скендербег/ дава сугестија дека постои некоја разлика меѓу лирската идеологија на „децата на социјализмот“ и онаа на поетот Милош Ѓерѓ Никола-Мигени (1911-1938). Во кратка белешка кон таа песна, авторот на книгата „Сватови на песната“, пак, на еден особен начин, ни дава до знаење дека станува збор за разлика меѓу една лирика со „социјална тематика“ на една, и друга со „соцреалистичка“ дикција и тематика што би била карактеристична за поетите што Даути ги именува како „деца на социјализмот.“

Има и други детали од истиот ред чија улога се состои во тоа да уточнат нешто во врска со песните од книгата „Сватови на песната“, а кои нити се, ниту пак може да се изедначат со главните, скриени пораки на тие песни. По таква причина може да ни се приговори: вие се занимавате со споредни работи кога зборувате за лирика на поет која осудува и амнестира истовремено поети како миленици на озлогласен диктатор, за да ја фрлите во сенка (тенденциозно?) нејзината суштина. Мојот одговор на тој приговор е следниов: нема главно и споредно во еден уметнички текст, па, така, и во лириката на поетот за која тука станува збор. Кога не би било така, тогаш тоа што е „споредно“ би било излишно, а сè што е излишно во едно уметничко дело ја оштетува неговата структура и, со тоа, ја смалува неговата уметничка вредност. Освен тоа, и самата потреба на поетот Даути да ги појаснува (коментира) своите стихови е – индикативана. Од една страна таа потреба внесува ред и редослед во „хаосот“ лирски пораки, а пак од друга укажува на една фундаментална контрадикција, главен белег на секоја појава/егзистенција за која ќе кажам нешто повеќе во следниот напис.

Атанас Вангелов