Премил Петровиќ, идејниот творец, уметнички раководител и диригент на познатиот ансамбл „Ноу бордерс оркестра“ укажува дека во регионов има многу проблеми и дека луѓето што се занимаваат и со уметност имаат одговорност да направат нешто за општеството во кое живеат или од каде што доаѓаат

Премил Петровиќ, познатиот диригент од Србија со адреса во Берлин, е идејниот творец, уметнички водител и диригент на ансамблот „Ноу бордерс оркестра“, кој го сочинуваат млади музичари од земјите на поранешна Југославија. Оркестарот е основан во 2012 година и досега реализирал повеќе успешни турнеи, а деновиве е на нова меѓународна турнеја по земјите на Балканот и Европа, со веќе реализирани настапи во Котор, Призрен и Сараево. По гостувањето во Сараево, во разговор за Радио Слободна Европа за турнејата и за репертоарот на концертите, Петровиќ меѓу другото најавува и дека во март идната година тој ќе настапи во Скопје.

– Во септември „Ноу бордерс оркестра“ ја продолжува регионалната турнеја во Марибор, Загреб, Белград, и на крајот во Берлин. Тоа што настапуваме во Берлин исто така е поврзано со овој проект бидејќи годинава се одбележуваат 30 години од падот на Берлинскиот ѕид, моментот во кој светот стана подобро место за живеење. Кога падна Берлинскиот ѕид, почнаа војните на нашите простори и се подигнаа ѕидови. Од два града, од двата Берлина, беше создаден еден Берлин, а од една држава, на почвата на поранешна Југославија се создадоа седум држави – вели Петровиќ.
Во оркестарот има пет композитори: од Хрватска, БиХ, Македонија, Србија и Косово, кои по негово мислење се најдобрите во регионот.

– Тие се помлади композитори. Тие петмина сега го вперуваат погледот кон тој еден, единствен Балкан. Го избравме клубот „Бергхајн“ како метафора на современиот Берлин. Клубот „Бергхајн“ е веројатно моментално најдобриот техно-клуб на светот.

Од една страна претставува нешто што се нарекува нов берлински звук или трансгресивно техно. Од друга страна, трансгресивноста не се огледа само во звукот туку и во начинот на живот на луѓето што го посетуваат тој клуб. Тој начин на живот е слобода. Тоа значи да бидеш тоа што си и да немаш страв дека некој ќе ве претепа или ќе ве убие затоа што сте различни. Тој ги прославува различноста и разновидноста. Ние во „Ноу бордерс оркестра“ исто така работиме на тој начин, во него постојат две нивоа, од една страна се музичари што доаѓаат од различни земји, а од друга композитори што доаѓаат од различни земји на регионот. Како да имате двојно ниво на безграничност – додава Петровиќ.

Тој укажува дека во суштина не постои потребната комуникација во регионот уште од времето на војните на почвата на поранешна Југославија.

– Композиторите од Белград немаат поим што работат нивните колеги од Приштина. Композиторите од Загреб не знаат што работат нивните колеги во Скопје. Значи, нам идејата за формирање на овој оркестар ни беше да ги викнеме тие луѓе да се сретнат и да се запознаат, да имаат можност да бидат претставени, не само на локалната или на националната, туку и на регионалната и на европската сцена, да се започне дијалог меѓу нив. Мислам дека продукцијата, па и самиот живот е подобар доколку сме заедно. Јас сум диригент. Родум сум од Белград, но живеам веќе 20 години во Берлин. Ми се чини дека регионот од кој доаѓам има доста проблеми. Мислам дека сите луѓе, особено оние што се занимаваат со јавна работа, со нешто што е видливо како што е уметноста, имаат одговорност да направат нешто за општеството во кое живеат или од каде што доаѓаат. Многу е потребно луѓето да се поврзат. Апсолутно сум антинационалист, но ми беше важно да ги поврземе музичарите, Албанците од Косово и од Србија, да покажеме дека тие, не само што можат да свират добро заедно туку можат да бидат и добри пријатели. Исто така и Хрватите и Бошњаците и Словенците и Македонците. Сите заедно. За мене тоа е многу едноставна и јасна порака да можеме да бидеме заедно, дека тоа заедништво има најдиректни последици по квалитетот на ансамблот. Дури мислам и дека не можеме ништо врвно да постигнеме доколку не соработуваме со другите – вели диригентот.

Според него, Берлинската филхармонија не е ни берлински, ни германски оркестар, туку светски.

– Погледнете го процентот на луѓе во него, Јапонци, Американци и други. Тоа говори за една едноставна работа, дека Германија не би можела да ја направи Берлинската филхармонија каква што е денес без сите оние што во неа свират. Мислам дека квалитетот што го има „Ноу бордерс оркестра“ не може да го постигне ниту еден локален оркестар. Само заедно можеме да го постигнеме тоа. Во овој оркестар не станува збор за југоносталгија туку за иднината. Ние не го глорифицираме минатото. Мислам дека Југославија беше полна со проблеми, тоа е целосно јасно. Но сѐ што поврзува е добро – вели идејниот творец на „Ноу бордерс оркестра“, чии музичари, како што нагласува тој, самите за себе велат дека се од сите земји на поранешна Југославија, иако во Белград тоа не е и официјален став. Во овој познат оркестар свиреле над 120 музичари во изминатите седум години.

Премил Петровиќ во оваа пригода нагласува и дека нормален број музичари во еден симфониски оркестар е околу 60, но дека членовите на „Ноу бордерс оркестра“ би сакале да одат на турнеја во исто толкав број, а дека од финансиски причини на сегашнава турнеја одат со 23 музичари: гудачи, двајца перкусионисти и електроника. Тој говорејќи и за другите свои ангажмани нагласува дека е слободен уметник и дека диригира со други ансамбли. Пред еден и пол месец диригирал во Дрезден, а пред тоа работел со ансамбл за современа музика во Берлин. Во март идната година во Скопје треба да настапи со скопската филхармонија.

– Мислам дека класичната музика е во криза. Од една страна постои некаков класичен концепт или концепт на класична музика, кој е како ритуална посета на музеј на музиката, почнувајќи од изгледот на концертните сали, до начинот на кој публиката се однесува и се облекува. Ништо не е променето од 19 век. Музичарите носат фракови и тоа е помалку бизарна работа. Фраковите во 19 век биле нешто што се носело речиси секојдневно, како поелегантна секојдневна облека. Сега тоа изгледа како да сте упаднале на некаков костимиран бал, многу чудно. Од друга страна, постојат и некои обиди на осовременување и популаризација на класичната музика каде што таа се презентира како популарна музика. Тоа е како некој вид музички Дизниленд, еден вид редукција на музиката на убавина или на комуникативност, што не е она што претставува музиката. Музиката е многу повеќе од тоа. Она што мислам и она што ние го работиме во „Ноу бордерс оркестра“ и она во што длабоко веруваме е дека работите не треба да се редуцираат за да бидат комуникативни, за да можат нешто да кажат – вели Петровиќ.

Според него, класичната музика во својата комплексност може да се претстави на начин на кој комуницира.

– Мислам дека тоа е она за што Марина Абрамовиќ секогаш говори, дека за уметноста е најбитна состојбата на умот, од која состојба на умот вие му се обраќате некому. Тоа е централната работа. Ми се чини дека ние во НБО и на уметничката и на општествената основа, ја негуваме состојбата на отворен ум, и комуникативен и пријателски. Ми се чини дека публиката го слуша тоа на нашите концерти, дури и да не го читала нашиот манифест. Луѓето ми приоѓаат и велат дека никогаш претходно не биле на концерт на кој се чувствувале поопуштено, на кој музиката била толку комплексна, на кој сѐ било во комуникација – објаснува Петровиќ.


Премиера на дело на Дарија Андовска на летната турнеја

Во рамките на летната турнеја, на 28 јули на „Которарт фестивалот“, премиерно беа изведени пет нови композиции, напишани по нарачка на „Ноу бордерс оркестра“ од петте најактуелни композитори од Балканот, меѓу кои и композицијата „ФеарВент“ од македонската композиторка Дарија Андовска, за гудачки оркестар, перкусии и електроника. Балканската турнеја понатаму продолжи во Призрен, Сараево, Марибор, Загреб, Белград на реномирани фестивали, а со двата концерта во светски познатиот клуб во Берлин оркестарот продолжува со европска турнеја. Дарија Андовска е една од најплодните и најизведуваните македонски композитори, со светска кариера и голем број интернационални и домашни награди и признанија, вонредна професорка на Факултетот за музичка уметност и Факултетот за драмски уметности.