Што ќе гледаме во март во Кинотеката

Кога францускиот мислител од светски формат Едгар Морен (1921, Париз; роден во семејство на сефардски Евреи по потекло од Солун, како Едгар Нахум) во прославената книга есеи „Духот на времето“ (1962, Париз) тврдел дека некогаш „споредните“ жанрови и стилови со текот на времето стануваат главни координати во книжевноста, филмот и другите уметности, несомнено бил проклето во право, велат од Кинотеката на Македонија во најавата на мартовската програма, која ќе овозможи да погледнеме само едно делче од тој процес во светската кинематографија.
На програмата во март се неколку наслови од германскиот/европскиот експресионизам од 1920-тите години. „Кабинетот на д-р Калигари“ на Роберт Вине е еден таков пример. Тој филм, заедно со „Синиот ангел“ (1930) на Јозеф фон Штернберг и „Метрополис“ (1927) на Фриц Ланг, за филмскиот критичар и теоретичар Зигфрид Кракауер е основата на тезата дека филмот како популарна уметност битно влијае на колективното несвесно во една општествена заедница.

– Но, на другата страна од „чистата“ идеологија, истата Моренова постапка можеме да ја видиме и во конципирањето на жанрот хорор, од „Голем“ на Карл Безе и Паул Вегенер и „Рацете на Орлак“, повторно на Вине, па до Џон Карпентер, Џорџ Ромеро и другите мајстори на занаетот што продуцира страв и напнатост. Има ли, можеби, таков потенцијал кај денешните млади и не толку млади филмски автори? Сигурно дека има. Едно од тие имиња е Агњешка Холанд (1948, Варшава, Полска), само формално полска режисерка. Студирала на познатата прашка академија ФАМУ (во периодот кога таму студенти, нејзини колеги, биле југословенските режисери Рајко Грлиќ, Срѓан Карановиќ, Горан Марковиќ, Лордан Зафрановиќ и Горан Паскаљевиќ); професионалната кариера ја почнала како асистентка на Кшиштоф Зануси и Анджеј Вајда; по првичните успеси во татковината, Холанд пред воведувањето на воената состојба во Полска во 1981 година, емигрира во Франција; како ретко кој автор успева да се пробие и во Холивуд, како режисерка на високопрофилирани ТВ-серии – велат од Кинотеката.
Претходно повторно се врати на европското тло со нејзиниот амблематски филм „Европа, Европа“ (1991), филм за холокаустот на Евреите за време на Втората светска војна (Холанд е Еврејка по татко). Таа тема ќе ја евоцира уште неколкупати, а најпластично во „Во темнината“ (2011). Кинематограферката на овој наградуван филм, Јоланта Дилевска доби „златна камера 300“ на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола за овој филм: таа е стара познаничка на фестивалот, уште трипати беше натпреварувачка, доби награди за „Тулпан“ (2008) и „Ајка“ (2019), беше номинирана за „Траги од дивеч“ (2017)…

– Иако изгледа дека „приказнава“ за Холанд отиде во друга насока, не е така: токму Холанд со својата најширока можна палета на соработка со креативци од разни национални кинематографии во своите филмови успева да прави – колку и да звучи тоа патетично – вистински европски проекти. „Шарлатан“ е последниот во низата примери на авторката што упорно одбива да се пензионира – велат од Кинотеката на Македонија.
Во март ќе се потсетиме на двајца актери што починаа изминатиов период: Мира Фурлан и Љупчо Тодоровски-Упа. Фурлан беше икона на бившојугословенската кинематографија во 1980-тите и 1990-тите години. Подоцна, под налетот на националистичките елити во Србија и Хрватска, со сопругот Горан Гајиќ мораше да емигрира во САД, каде што Мира направи солидна актерска кариера за некој што на таа возраст се обидел да го стори тоа во Холивуд.

– А Упа, тој наш драг Упа, секогаш енергичен и полн со креација, е и пионер (заедно со Симон Мони Дамевски) во практикувањето „полнокрвен“ кастинг-директор во домашната кинематографија: по кариерата во југословенските продукции, Упа по 1990-тите остави трага во современата македонска кинематографија: „Одмазда“ (2000), „Џган“ (2016), „Ругање со Христос“ (2019) се меѓу насловите што го обележаа како актер. Има уште многу вредности во мартовската програма на Кинотеката – стои во објавата.
Меѓу другото, ќе имаме можност да видиме неколку долгометражни и кратки документарни, играни и анимирани наслови од поновата европска продукција. В.Д.